Првата седница на Комисијата за уставни прашања на Собранието на Република Македонија ќе започне денеска напладне, додека пленарната седница е закажана за понеделник.

Според членот 196 од Деловникот за работа Собранието, претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Претседател на Комисијата за уставни прашања е претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Џеват Адеми, а членови се Бетиан Китев, Енес Ибрахим, Соња Мираковска, Самка Ибраимовски, Лилјана Поповска, Анета Симеска-Димоска, Татијана Лалчевска, Сурија Рушиди, Никола Груевски, Трајко Вељановски, димитар Стевананџија, Нада Ципушева, Дафина Стојановска, Иван Стоилковиќ, Стојан Миланов и Фадил Зендели. Сите овие членови во Комисијата имаат и свои заменици. Неизвесно е дали во претресот на комисиската седница ќе присуствуваат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и поранешниот премиер Груевски и поранешниот прв човек на Собранието Вељановски.  

Постапката за измена на Уставот би одела во три фази. Во првата, Собранието, со двотретинско мнозинство треба да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот. Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.

Првата фаза која почна вчера со доставувањето на Предлогот за уставни измени од Владата до Собранието може да трае најмногу 20 работни дена, односно 10 дена за дебата во собраниската Комисија за уставни прашања и уште 10 дена на пленарна седница на Собранието. 

Постапката продолжува на пленарна седница во Собранието, на која со двотретинско мнозинство треба да биде донесена одлука за пристапување кон измена на Уставот, по што се преминува кон втората фаза, односно подготовка и утврдување на нацрт-амандманите. Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови. 

Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.

По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Предлог амандманите треба да бидат разгледани од  Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.