Фото: Игор Бансколиев

Според аналитичарите и правниците, повторната примена на принципот на провлекување измени на Изборниот законик на „мала врата“ испраќа порака за несериозен однос на политичарите спрема изборите, а се обесхрабруваат и граѓаните да излезат на гласање. Целиот контекст на активирање на предлогот за измени на Изборниот законик остава впечаток дека политичарите си се договориле меѓу себе, повторно потиснувајќи ги транспарентноста, потребата за јавна дебата и препораките на релевантните меѓународни тела за спроведување избори

Најавите и ветувањата за дебати за Изборниот законик, во насока на менување на изборниот модел во една изборна единица, отворени изборни листи…, вообичаено се најгласни по завршувањето на еден изборен циклус. Во согласност со „воспоставената вообичаеност“, во текот на мандатот, гласноста на таквите иницијативи некако стивнува, за пред нови избори набрзина и нетранспарентно да се предлагаат измени на Изборниот закон, кои речиси воопшто не се во корелација со очекувањата на јавноста и претходните дебати. Така и овој пат, само два и пол месеци пред одржувањето на локалните избори и во временскиот теснец пред летниот одмор на пратениците, во Собранието е доставен нов предлог за измени на Изборниот законик, за кој се нагласува дека е усогласен меѓу големите партии, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Освен временската несоодветност на предлогот со краткиот рок за приспособување на предизборните активности со предложените измени, најголеми се реакциите во јавноста околу условот независните советнички групи да треба да соберат потписи од 2 проценти од вкупниот број избирачи запишани во една општина.
Во реакциите за најавените измени во Изборниот законик се истакнува дека во поголемите општини би било поисплатливо да се регистрира политичка партија отколку да се собираат потписи за кандидатура на независна листа или за градоначалник. Во споредбите колку гласови „тежел“ еден советник во Град Скопје на последните избори во 2017 година, се доаѓа до заклучок дека бројот е речиси двојно помал од минималниот број потписи што би биле неопходни да се соберат за кандидатура на претстојните избори, ако се усвојат предложените 2 отсто.

Како уште еден аргумент во мноштвото незадоволни реакции од предлог-измените на Изборниот законик се додава и „пресметката“ дека според овој процент, бројот на потписи што треба да се соберат неколкукратно се зголемува од бројот што е предвиден во актуелното законско решение. Дополнително, предлогот е во спротивност и со препораката на ОБСЕ/ОДИХР, во чиј финален извештај за локалните избори во 2017 година се посочува дека треба да се размислува за прагот да биде најмногу 1 отсто.
– Целиот контекст на активирање на предлогот за измени на Изборниот законик остава впечаток дека политичарите си се договориле меѓу себе, повторно потиснувајќи ги транспарентноста, потребата за јавна дебата и препораките на релевантните меѓународни тела за спроведување избори. Секогаш кога ќе бидеме доведени во ваква ситуација, се повторува препораката на ОБСЕ/ОДИХР дека не се препорачливи измени на Изборниот законик, на пократок рок од шест месеци, па дури ни една година пред избори. Сето тоа остава простор за сомневање колку е тоа добро за сликата на демократијата во земјава и колку ќе има легитимитет целата процедура. Секако дека за измени на закони е потребна издржана јавна дебата, но и почитување на меѓународните препораки. Вака излегува дека очекуваме помош од меѓународната заедница, а не ги почитуваме нејзините препораки – вели универзитетската професорка Слаѓана Тасева, претседателка на НВО „Транспарентност – нулта корупција“.
Професорот по управно право Борче Давитковски, од Правниот факултет при УКИМ, смета дека повторната примена на принципот на провлекување измени на Изборниот законик на „мала врата“ испраќа порака за несериозен однос на политичарите спрема изборите, се обесхрабруваат граѓаните да излезат на гласање, зашто немаат речиси никакво влијание на изборниот процес.

– Според демократските и правни стандарди, Изборен законик не се менува шест месеци пред избори. Но не верувам дека тоа ќе ги поколеба политичарите да го спроведат тоа што си го договориле. И претходно со политички договор, спротивно на Законот за локална самоуправа, во 2016 година, за шест месеци им беше продолжен мандатот на советниците во општинските совети. Сепак, крајно време е да се престане со таквата изборна практика, партиските лидери да се договараат за текот на изборните процеси и изборната регулатива. Тоа е грубо загрозување на изборното право на секој граѓанин, кое може да биде активно и пасивно. Како што е воспоставена практиката, излегува дека изборното право е привилегија само на оние што активно учествуваат на изборите (оние што се избирани – обично политичките партии), додека оние што гласаат (пасивно користење на изборното право), речиси и да немаат никакво влијание врз избирачкиот процес. Како граѓани, никој не нѐ прашува за каква било измена во регулативите за изборниот процес. Во сериозни демократии се организираат и референдуми кога се менува изборниот модел, но во Македонија организирањето на изборните процеси сериозно укажува на нефункционална демократија – вели професорот Борче Давитковски.
Во однос на предлог-измената независните советнички групи да треба да соберат потписи од 2 проценти од вкупниот број избирачи запишани во една општина, професорот Давитковски смета дека тоа е некоректен услов и многу полош од оној во досегашната регулатива. Тој укажува дека во целиот процес недостигаат дебата и транспарентност. Исто така повикува невладините организации, кои, според него, се многубројни што се занимаваат со следење на изборната проблематика, гласно да реагираат на политичките обиди за дезавуирање на изборното право на граѓаните.


Што мислат граѓанските организации

Претставници на граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, во која учествуваат 20 граѓански здруженија, жестоко реагираат на најавените измени во Изборниот законик, со кои прагот за собирање потписи за независни листи би се подигнал на 2 отсто од регистрираните избирачи во општините. Од иницијативата велат дека ваквата измена е недемократски и противуставен потег.
– Најавите на премиерот Зоран Заев се силен удар за демократијата во Македонија. Членот 62 од Изборниот законик не е менуван 15 години, откако законот е во сила во 2006 година, а тоа е, всушност, членот во кој е уредено колку потписи се потребни за независни листи на локално ниво. Ние ќе се бориме на секој можен начин против ваквите недемократски практики, кои се одлика на режимски земји, не на демократии. Со најавените измени ќе се прекршат дури седум члена од Уставот, ќе се загрози правото на граѓаните да можат независно и слободно да излезат на локалните избори во локалните самоуправи каде што треба најмногу да го имаат гласот. Со прекршувањата на овие уставни членови се загрозуваат правото на слободно здружување, правото на политичка определба, определба што не е партиска, тие права се насекаде во светот загарантирани – велат претставниците на „Зелен хуман град“.
Од коалицијата „Зелен хуман град“ побараа претседателот Пендаровски да не ги потпишува законските измени.


Малите парламентарни партии против предлогот

Измените на Изборниот закон по предлог на група пратеници влегоа во собраниска процедура. Тие, освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на претстојните локални избори, кои според најавите и на власта и на опозицијата, треба да се одржат на 17 октомври. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но и реакции од оние што на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.
Малите парламентарни партии застануваат против предлогот на поголемите парламентарните партии да се воведе изборен праг од 3 отсто од запишаните гласачи за влез на советници во општинските совети и 2 отсто од гласачите за поднесување независни кандидатури. Против решението застана и Павле Трајанов од Демократски сојуз. Сите најавуваат амандмани, па дури и блокада.
На седница на собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која се поднесени и се разгледуваат предлог-измените на Изборниот закон, не беше утврден ниту дневниот ред поради тоа што пристигнале над 500 амандмани и материјалите требало да се средат. Пратениците на Левица поднесоа 772 амандмани на измените на Изборниот законик. Инаку, Собранието веќе ја изгласа потребата за носење на измените на Изборниот законик, непосредно пред локалните избори, по скратена постапка.