Собранието некогаш и сега

Кои беа предизвиците во 1990-тите, а кои се сега. Според аналитичарите, парламент без дебата е како фудбалски меч со една екипа

Демократија без различните погледи на власта и на опозицијата не е демократија, а парламент не е парламент без сочна или жолчна расправа во време кога на земјава ѝ се потребни крупни реформи и кога треба да се носат многу значајни одлуки, согласни се повеќето политички аналитичари. Наспроти нивните мислења, граѓаните сѐ повеќе отворено коментираат дека со минувањето на годините од зачетокот на нашата држава во 1990-тите па до денес, работата на парламентарните состави некако опаѓа во смисла на содржајноста на дебатите, расправите и сработеното во законодавниот дом, но и во квалитетот на кадарот. Денес кога Македонија е исправена пред нејзиниот најголем предизвик (промена на уставното име), обврска што произлегува од спогодбата со Грција, и кога законодавниот дом и нашите пратеници треба да бидат хиперпродуктивни според ефектот од нивната работа, нам ни се случува трговија на пратенички гласови врз грбот на правната држава, но и пад на вредностите што се промовираат од пратеничките клупи, кои во суштина не носат ништо добро за граѓаните. Според некои политичари, со пари се купуваат пратеници. Според експертите, пратеничките трансфери мора да запрат, инаку пратеничкиот мандат ја губи својата смисла во целост.

Правејќи паралела во квалитетот на првите состави на Собранието со денешниот актуелен состав и проблематиките што ги решаваат сегашните пратеници и тогашните дискусии, Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието на Република Македонија, вели дека секој парламентарен состав од независноста па до денес се соочувал со свои предизвици околу државноста. Според Андов, кој се повикува на своето долгогодишно искуство, квалитетот на еден парламент и неговиот состав не се мери по бројот на донесени законски решенија, туку по квалитетот на тие закони. Некогашниот спикер објаснува дека денес сме сведоци дека законските решенија што ни ги нудат пратениците неретко генерираат полемика, некои делови од нив често се враќаат и од Уставниот суд, баш поради недостигот од таа објективна и квалитетна парламентарна дебата во која примарниот интерес би бил квалитетот на законските решенија и интересот на граѓаните.

– Првиот парламентарен состав беше исправен пред една голема задача еден голем проблем, како откако ќе се распадне поранешната Југославија да се избегне војната во Македонија. Второто прашање тогаш беше како земјата да се осамостои во целост. Ако не направевме некои од чекорите во тогашното собрание, југословенската војска можеше да интервенира и да дојде до конфликт во земјава, предизвик што беше исправен пред секој народен пратеник вклучувајќи ме и мене. Сите стравувавме дека ќе ни се случи воен удар, додека се лекувавме од дилемата како да го најдеме вистинскиот пат, а тоа беше референдумот и нашето целосно осамостојување – објаснува Андов. Некогашниот прв човек на Собранието посочува дека некогашните народни избраници во првиот состав не примале плата за сработеното, во споредба со денешните пратеници, туку единствено дневници. Андов истакнува дека ентузијазмот во минатото кај македонските пратеници бил голем во споредба со денешните.

– Низа проблеми ја обележуваа независноста на Македонија – од инфлацијата на почетокот на 90-тите години од минатиот век, до грчкото ембарго преку криминалната приватизација и воздигнувањето на спорот за името во нерешлив децениски проблем. Потоа косовската бегалска криза, конфликтот во 2001 година, кој резултира со рамковен договор, како и транзицијата и порастот на невработеноста. Тоа беа само дел од предизвиците и заканите за младата македонска држава, што на некој начин влијаеја на забавувањето во остварувањето на стратегиските државни цели, како зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури – смета Андов. Првиот претседател на Собранието вели дека основниот успех на Македонија се состои во процесот на опстанок и развој на државата, кој е неповратен.

– Државата ќе се развива и ќе напредува, тоа е успехот. А неуспех е што одвреме-навреме домашни фактори создаваат тензии, кои се непотребни во целост. Овие моменти кога имаме договор за името се пресвртни во историјата на една држава. Треба да го избереме најмалото зло што деновиве е актуелно, а тоа е нели селективната амнестија. Доколку ние во минатото не гледавме напред немаше да го имаме она што денес го поседуваме. Решавањето на проблемот со Грција за нас е Сталинградската битка што мораме да ја добиеме – вели Андов. Некогашниот прв човек на Собранието додава дека во периодот што беше исполнет со блокади, војни и надворешни притисоци од кои Македонија впрочем не мрднала напред, не може да издвои кој од пратеничките состави во минатото направиле најмногу за добросостојбата на граѓаните. По временската дистанца од повеќе од дваесет и пет години впечатокот што денес доминира е дека Македонија постигна помалку од она што се очекуваше по прогласувањето на независноста, со политичките осцилации може да се заклучи дека почесто стоиме во место отколку што напредуваме, вели политикологот Милан Стефановски.

Аналитичарот Стефановски се присетува дека, за разлика од денес, парламентот за време на конфликтот во 2001 година, но и пред тоа, придонел за стабилизација на државата во повеќе наврати. Но сега, според него, парламентот не е конструктивен, пратениците не настојуваат да најдат решенија преку дебати, да бидат флексибилни и да бидат во функција на стабилизирање на државата пред последната фаза, која претстои околу измената на Уставот, туку напротив владејачката коалиција со силување, поткуп и уцена на некои од пратениците ги кочи неговото функционирање и неговата уставна обврска, а таа е коректор на извршната власт. Ваквото функционирање на парламентот, според него, е како фудбалски меч со една екипа.

– Ефикасноста на овој состав во никој случај не може да се оцени како позитивна или да се спореди со некој од минатото од времето на Бранко Црвенковски или Љубчо Георгиевски. Македонскиот парламент, за жал, не успеа да ја пронајде својата улога како законодавна власт што би имала критички осврт на владините политики и би била во функција на граѓаните, а не на партиите. Парламентот се соочува со низа значајни обврски, кои не може да ги исполни. Од спогодбата со Грција, па до клучните реформи во земјава, кои се носат преку закони во парламентот. Тој се користи само за меѓусебни расправии и обвинувања на пратениците и ништо повеќе – оценува Стефановски. Според него, во минатото се одвивале позитивни демократски промени наспроти ретроградните денешни процеси – завршува Стефановски.