Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“, во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средби со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што и самиот вели, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (5)

По телефон поразговарав малку со Минчев во Скопје, а во Белград се чув со Киро Хаџивасилев. Го побарав Киро Глигоров, со кого, исто така, се познававме, иако во тоа време не бевме толку блиски. Тој тогаш беше во раководството на СКЈ, не беше во власта, ама тогаш не беше во Белград. Воопшто земено, мене не ми се допаѓаше да бидам министер за земјоделство. На Киро Хаџивасилев тогаш прилично опширно му објаснив. Му реков дека сум определен за реформата, таква како што таа беше планирана во 1965 година. А од сите области, дотогаш најмалку беше реформирано земјоделството. Во основата на таа гранка имаше решенија што не дозволуваа во земјоделството да се спроведат духот и словото на реформата.
Прва таква пречка беше земјишниот максимум. Наскоро по војната тој беше утврден така што во земјоделството приватниот земјоделец можеше да биде сопственик на најмногу 10 хектари обработлива земја, што е неодржливо и премногу малку. Земјоделството можеше да се развива ако во него беше применета нова технологија и воведена машинска обработка на посевите. Едноставно, беше невозможно кој било земјоделец да обезбеди рентабилно производство на 10 хектари, каде што не можеше да примени никаква современа техника.

Постоеја нормативи во тој поглед. Еден таков, на пример, е дека еден трактор (најнеопходната машина во земјоделската механизација) е рентабилен и ги олеснува сите работи во земјоделството ако со него се обработуваат 50-60 хектари. Во нашиот случај, кога може да се обработуваат само 10 хектари, со тоа се обезбедува една шестина од неговата рентабилност, а другото е само обременување на трошоците на стопанисувањето.
Инаку, се знае политички, невозможно е да се постави прашањето за земјоделскиот максимум и таа околност ме обесхрабруваше. Сѐ повеќе бев убеден дека не можам да направам ништо во земјоделството, иако ќе давам многу изјави и ќе одам по саеми, но тоа не го сакав. Втора околност поради која не можев да прифатам е фактот што најголемиот дел од земјоделските производи имаат државна контрола врз цените. Значи, во земјоделството кај нас тогаш немаше пазарна цена. Тоа беше и во ратарството и во сточарството. Тие два елемента најмногу ми пречеа. Се плашев дека ако го прифатам ресорот ќе се соочам со тешкотии, бидејќи ќе ја зборував вистината, а ќе ми одговореа дека тоа е реакционерен поглед на нештата, меѓутоа за нашата револуционерна практика земјишниот максимум има многу големо политичко значење. Мислев, ако го прифатам тој ресор, многу брзо ќе морам да дадам оставка, бидејќи ќе требаше да работам спротивно на своите уверувања, а бев сигурен дека и ако не дадам оставка – ќе бидам сменет.

Поразговаравме со Киро Хаџивасилев како тоа да му го соопштам на Биедиќ, а да не му предизвикам незадоволство. Правевме варијанти, но не се решивме ниту за една. Тие денови му се јавив на Биедиќ и му реков кога ќе најде време да ме повика. Навистина, бев замислен и тој тоа го забележа. Но, беше расположен. Веднаш почна: „Што си се стиснал толку, Стојане? Ми изгледаш многу замислен.“ Му вратив: „Како да не бидам толку замислен, претседателе, кога оваа понуда за министер за земјоделство не можам да ја прифатам од причини што имаат и сериозен политички карактер.“ А тој веднаш ми рече: „Знам, знам, мислиш на земјишниот максимум. Тито не дава тоа да се менува.“ Реков дека една од најважните причини е максимумот, ама тука се и административните, а не пазарни цени на земјоделските и сточарските производи, што за мене е разочарувачко. „Па добро, Стојане, значи ти ова не го прифаќаш?“ Реков: „Да, жалам што не поразговаравме пред да бидам избран во СИС, можеби моите убедувања ќе беа добра причина да не сум дел од него.“ Тој рече: „Не, не, тоа не е така. Кога ме потсетија на тебе, веднаш спонтано решив да те земам во Владата. Ќе ти предложам една друга варијанта. Нема да имаш класичен ресор. Ќе те ставиме за претседател на Меѓурепубличкиот комитет за девизен и надворешнотрговски систем.“ Реков дека тоа нема да го одбијам: „Тоа е ново решение и делумно не ми е позната природата како тоа ќе се остварува, но интересно ми е и за тоа би се нафатил.“ Тој заврши: „Ете, гледаш, го решивме проблемот! Покрај тоа, ќе бидеш член на Комисијата за економска соработка со земјите во развој.

Знам дека ни тој нема искуство со меѓурепублички комитети ама некои усогласувања во областа на финансиите меѓу републиките сигурно вршел и сакав да ми каже како гледа на работата на ова тело. А тој ми рече: „Стојане немој да се грижиш. Тоа е нова работа и нормално е дури и ако нешто згрешиш. Ќе ти излезам во пресрет така што ќе ти дадам стручњак што може многу да ти помогне. Тоа е една млада дама, можеби твои години, а можеби нешто постара“

Тоа ќе трае само неколку месеци, а потоа ќе бидеш претседател на таа комисија. Есенва ќе направам мала реконструкција за да го пополнам Министерството за земјоделство, а не бев предложил и министер за внатрешни работи и за правосудство. Ете, и тие места ќе ги пополнам, а на Мухамед Хаџиќ, кој сега е министер за надворешна трговија, ќе му го одземам тој ресор и тој ќе биде без ресор. А на тоа министерство ќе дојде колегата твој, што до тебе седи на седниците, Емил Лудвигер од Хрватска. Тоа доста упорно го бараа Хрватите, не им го дадов, ама сега пак притискаат. А ти ќе станеш претседател и на Комисијата за економска соработка со земјите во развој. Значи, ќе покриваш две многу значајни области за чии резултати цела Југославија е заинтересирана, па дури и другарот Тито.“ Така заврши разговорот со Биедиќ и тоа беше нашиот последен договор за мојата работа во СИС.
Некаде во средината на ноември, со малата реконструкција, за министер за внатрешни работи беше избран генералот Фрањо Херлевиќ, Хрват од БиХ, а за правосудство Мугбил Бејзат, Турчин од Македонија. Беше тој 3 години постар од мене и дотогаш беше судија во Македонија. Сѐ уште не беше женет. Мухамед Хаџиќ, точно како што наведе Биедиќ во нашиот разговор, стана член на СИС без ресор. А Емил Лудвигер, беше избран за министер за надворешна трговија.

Од исходот од разговорот со Биедиќ бев многу задоволен и бев среќен дека чекорам во многу чувствителна зона и морам добро да ги отворам очите што работам, за да не направам некој гаф со кој може да ѝ донесам тешкотии и на Републиката, а и себеси. Што се однесува до Меѓурепубличкиот комитет за девизен и надворешнотрговски систем, тоа сојузно тело беше воспоставено со уставните амандмани што беа усвоени пролетта таа 1971 година. Не постоеше ниту ден практика нивно работење на која ќе можеше да се угледам. А од некаде морав да почнам. Му се обратив прво на Јанко Смоле, министер за финансии, постариот од двајцата браќа Смоле, човек со извонредно голема диоптрија, а и покрај тоа тешко читаше, белките во очите постојано му беа зацрвенети. Кога ќе те погледнеше, за момент изгледаше како дотогаш да не те видел, гледаше со напор.
Во еден кус разговор му ги кажав моите маки. Знам дека ни тој нема искуство со меѓурепублички комитети ама некои усогласувања во областа на финансиите меѓу републиките сигурно вршел и сакав да ми каже како гледа на работата на ова тело. А, тој ми рече: „Стојане немој да се грижиш. Тоа е нова работа и нормално е дури и ако нешто згрешиш. Ќе ти излезам во пресрет така што ќе ти дадам стручњак што може многу да ти помогне. Тоа е една млада дама, можеби твои години, а можеби нешто постара“.

(Утре: „Што го тера чика Лаза вака грубо да ми го оттргне вниманието од ситуацијата?“)