Фото: Игор Бансколиев

ПО ЖЕШТИНИТЕ, НАЈАВИ ЗА ОПАЃАЊЕ НА ТЕМПЕРАТУРАТА И МОЖНОСТ ОД ЕЛЕКТРИЧНИ ПРАЗНЕЊА

По големите жештини и пожари што ја зафатија земјава во изминатиот период, за викендов има најави за опаѓање на температурите, врнежи и можности за електрични празнења. Во изминатиот период како последица на удар од гром во земјава едно лице почина, а петнаесетина други беа повредени во две одделни несреќи, едната во тетовско село, а другата на плажа на брегот на Охридско Езеро. И во минатото во Македонија и во регионот имало жртви како последица на удар од гром, па се наметнува прашањето како да се постапи при вакви појави и што е неопходно да се знае.
Доктор Мартин Јовановски, кој бил главен преставник на повеќе светски фармацевтски компании во Македонија, вели дека, генерално, кога ќе се случи природната несреќа, веднаш треба да се најде начин како телефонски да се повика итна медицинска помош.
Според докторот, додека пристигнат докторите, истовремено треба да се обидеме да им дадеме помош на повредениот и на жртвата на удар од гром.
– Како спасувач, мора да процените, водејќи сметка и за личната сигурност, дали имате можност жртвата да ја преместите на посигурно место. Со прва помош можете да започнете доколку повредениот е без свест, има испрекинато дишење, или воопшто не дише, нема опиплив пулс, односно има раширени зеници. Повредениот положете го на грб и веднаш започнете со масажа на срцето. Притоа ослободете ги сите дишни патишта – објаснува докторот.
Тој додава дека со двете раце (една врз друга) околу десет пати треба да ги притискате градите во расчекор од една секунда, толку силно што градниот кош ќе се спушти до пет сантиметри.

– Доколку повредениот не почне да дише, повторете ја постапката, или почнете со оживување уста на уста. Тоа мора да се повторува сѐ додека не дојде помош, или доктор што ќе утврди смрт. Кога има повеќе жртви, предност во згрижувањето секогаш имаат оние што даваат знаци на живот и има поголеми шанси да се оживеат – вели Јовановски.
Тој советува при процесот, онесвестената жртва да се постави во бочна положба, а потоа да се санираат преостанатите повреди (скршеници, рани, изгореници).
Јовановски објаснува дека иако физички некогаш на жртвите може да не се гледаат видливи телесни рани, секоја жртва од удар на гром треба да се одведе во болница за постојан надзор на животните функции одреден период.
Освен давањето здравствена заштита, експертите советуваат и дека граѓаните треба да знаат да проценат како да ги намалат на терен можностите да настрадаат од удар на грмежи и молњи.

– Држете се настрана од метални огради и мрежи и избегнувајте носење метални предмети. Места што нудат најдобра заштита се пештери и јами, но не и плитки пештери во мокри карпи. Не барајте заштита во поголеми групи луѓе. Во шумите каде што дрвјата се со еднаква висина помала е опасноста за удар од гром. Ако при невреме се најдете во затворена просторија, нема опасност ако објектот има громобранова инсталација. Но, во секој случај, избегнувајте да стоите покрај прозорци, на отворени врати, метални столбови, предмети како што се чешми и електрични прекинувачи и не користете го вашиот фиксен или мобилен телефон при невреме – советуваат противпожарните експерти.
Тие додаваат дека при невреме не се препорачува користење телефони, а за да се намали ризикот од штета, електричните апарати треба да се извлечат од штекер, како што се телевизор, компјутер, печатач, факс, радио.

[email protected]