Фото: Архива

Пратеничката група на ДУИ соопшти дека денеска го информирала претседателот на Собранието дека ќе земе активно учество со сите свои пратеници за референдумот на 30 септември.

– Имајќи ги предвид нашите лични определби како пратеници, но и партиските, стратешките и идеолошките определби за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, сите пратеници на ДУИ, со поддршка и на извршната и на локалната власт, но и на цивилното општество, ќе води кампања „за“ Преспанскиот договор и успешна евроатлантска интеграција на нашата земја затоа што успешен референдум генерира мир, стабилност, сигурност, владеење на правото, еднаквост, економски развој и општествена благосостојба како и постројување на нашата држава рамо до рамо со големото евроатлантско семејство – се наведува во соопштението од ДУИ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери побара од пратеничките групи до понеделник да се изјаснат дали ќе учествуваат во кампањата за референдумот и да кажат дали се „за“ или „против“. Собранието, кое ќе ја води кампањата како овластен предлагач, формираше и Координативно тело.