Измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка, како и одлука за испраќање на припадник на Армијата во меѓународната операција во Либан, се на дневен ред на седницата на Собранието која треба да се одржи денеска.

Измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка, предвидуваат дека учебната година во услови на вонредни околности може да почне и да заврши во различно време. Како вонредни околности се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.

Владата допрва треба да донесе одлука за измените, која може да се однесува на целата територија на Македонија или на нејзин дел. Се предвидува и во услови на вонредни околности училиштата да организираат воннаставни активности за учениците.

Предвидено е седници да одржат Комисијата за одбрана и безбедност, која треба да ја потврди одлуката за испраќање војник во мисијата во Либан, и Законодавно-правната комисија.