На дневен ред на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања повторно е закажана расправа за мандатот на пратеникот Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта и не се појавил на работа повеќе од шест месеци.

Пратениците ќе одлучуваат по предлогот поради неоправдано отсуство на Груевски повеќе од шест месеци, а врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, доставено на 15 мај 2019 година.

Павле Богоевски, претседателот на оваа комисија, нема да ја води седницата затоа што е во оставка и истата должност ќе ја преземе заменичката Снежана Калеска – Ванчева.

Собранието и лани во ноември се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција, откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство.