Законот за финансирање политички партии завчера помина на Комисијата за политички систем со поддршка и од власта и од опозицијата. Со овој закон партиите си овозможуваат да им се вратат назад парите што им беа скратени со уредба со законска сила пролетва оваа година поради пандемијата. Ова значи дека околу четири милиони евра ќе им бидат доделени на политичките партии. Со предложените решенија во законските измени, практично, се обезбедуваат дополнителни средства за финансирање на политичките партии. Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за 2020 година и за 2021 година се во висина од 0,105 отсто од вкупните приходи на буџетот.
Овој пат и опозицијата не опструираше, така што се донесе и сет закони што произлегуваат од четвртиот пакет-мерки против последиците од ковид-кризата. Со нив ранливите категории ќе добијат помош од по 6.000 денари, а финансиска поддршка ќе има и за лозарите. Граѓаните со ниски примања, самохраните родители, децата без родители, филмските работници и уметници ќе добијат помош од државата од по 6.000 денари, кои ќе треба да ги потрошат најдоцна до 25 декември. Дури четири пленарни седници беа закажани во саботата во Собранието, кое експресно усвои сет закони.