Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според аналитичарите, единствениот начин да се анулира оваа некреативна и бесмислена состојба, која е евидентна во кампањите, е да постои правна и политичка одговорност за оние политички лидери што ветуваат а не ги исполнуваат програмите

Феномен што се повторува речиси на сите изборни циклуси

Како по некое непишано правило, повеќето политички партии се навраќаат или прокламираат евергрин-ветувања што биле дадени пред години, па и децении, но, за жал, никогаш не биле реализирани.Така, во екот на изборната кампања, може да се забележат повторено „традиционалните“ ветувања за изградба на пругата до Бугарија, за изградба на нов клинички центар, намалување на администрацијата, укинување на патните трошоци на пратениците и друго.
Некои од овие ветувања, како на пример изградба на пругата кон Бугарија, се стари повеќе од 27 години, но повторно се вадат од ракав.
Познавачите на политичките случувања со кои се консултиравме велат дека, како по навика, политичките партии во земјата не штедат ниту на зборови ниту на хартија кога се во прашање предизборните програми за парламентарните избори, бидејќи слично на традицијата на сите избори досега, без исклучок, се води мртва трка кој ќе вети повеќе и кој ќе отпечати пообемна изборна програма, која потоа не ја остварува никогаш комплетно.

Универзитетската професорка Марија Ристевска, која е експертка во областа на политичка култура и спроведувањето јавни политики, мисли дека состојбите на домашната политичка сцена се такви бидејќи тие се должат на немање капацитет на партиите за креирање политики и на непостоење на соодветна анализа или стратегија за потребите на гласачите, која тие би требало да ја следат кога ги испишуваат изборните кампањи.
Ристевска вели дека т.н. евергрин-ветувања што се повторуваат во програмите на партиите дури со децении, се должат и на фактот дека нив не ги подготвува стручен кадар што е образован за оваа проблематика бидејќи произлегол од катедрите на факултетите каде што се изучува предметот за креирање јавни политики.
Натаму, Ристевска подвлекува и дека некои најави за остварувања капитални проекти што никогаш не се спроведуваат во суштина не ги задоволуваат актуелните потреби на гласачите туку се темелат на процени на државата во времето на социјализмот што биле проектирани како мерки за развој за педесетина години.

Како забелешка дека програмите се темелат на обем, а не на реални политики, кој го увидела Ристевска во оваа кампања е на пример недостигот од политики (односно ветувања за спроведувања) што се однесуваат на справувањето со состојбите предизвикани од коронавирусот.
Слично размислува и политичкиот стратег и пиар Синиша Пекевски, кој заклучува дека евергрин-ветувањата во изборните програми се присутни бидејќи тоа сакаат да го слушаат гласачите, небаре навистина некој во партиите кога ја пишувал програмата размислувал за стратегиските интереси на државата и за нејзиниот реален напредок.
– Такви ветувања што се повторуваат имаме многу, на пример таков е случајот со изградбата на новиот клинички центар, потоа со градењето на пругата до Бугарија и многуте случаи со најави за изградба на стотици километри регионални автопатишта до руралните средини, кои во практиката никогаш не се спроведуваат – вели Пекевски.

Според него, единствен начин да се анулира оваа некреативна и бесмислена состојба, која е евидентна во кампањите, е да постои правна и политичка одговорност за оние политички лидери што ветуваат а не ги исполнуваат програмите.
– Само на ваков начин, кога ќе бидат казнети политичарите што ги повторуваат овие бесмислици во земјава еднаш засекогаш ќе ја избришеме оваа состојба од изборните програми – резимира тој.

[email protected]