Фото: Игор Бансколиев

За Уставниот суд нема временски ограничувања за донесување одлука

Одлуката на министерот за образование Арбр Адеми, за официјализирање на одлуката за преименувањето на училиштата што датира од 2012 година, како и несигурните и колебливи ставови од релевантни политички авторитети искажани во јавноста за законитоста на таквата одлука, на полето на актуелните предизборни активности беше препознаено како своевидно политичко покажување мускули меѓу досегашните коалициски партнери во Владата. Но од друга страна, што е уште позначајно, овој случај, поттурнуван под тепих речиси осум години, отвори уште еден аспект на предизвиците со владеењето на правото и правната држава, во смисла на работата на Уставниот суд

Неодамнешната актуализaција со изразит политички акцент на случајот со преименувањето на основните училишта во скопската Општина Чаир, каде што досегашните имиња на македонските културни дејци, Васил Главинов и Рајко Жинзифов, со регистрација во Централниот регистар и официјално се заменети со имињата на Имри Елези и Исмаил Ќемали, повторно детектираше повеќе слабости и пропусти во функционирањето на правната држава. Одлуката на министерот за образование Арбр Адеми, за официјализирање на состојбата со преименувањето од 2012 година (досега во училиштата стоеја двете имиња, а свидетелствата на учениците, сепак, се издаваа со старите имиња), како и несигурните и колебливи ставови искажани во јавноста од политичките авторитети за законитоста на таквата одлука, на полето на предизборните активности беше препознаена како своевидно политичко покажување мускули меѓу досегашните коалициски партнери во Владата. Но од друга страна, што е уште позначајно, овој случај поттурнуван под тепих речиси осум години, отвори уште еден аспект на предизвиците со владеењето на правото и правната држава, во смисла на ажурноста на Уставниот суд.

Ќе покаже ли Уставниот суд интерес за претставка поднесена во 2012 година

Имено, уште во 2012 година до Уставниот суд е поднесена претставка од Државниот инспекторат за локална самоуправа, за оценување на законитоста на одлуката за преименување на училиштата. Дилемата за законитоста на одлуката произлегува од тоа дека не бил применет принципот за Бадентерово мнозинство кога се гласало во Советот на општината за промена на имињата. Советниците Македонци од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ не гласале за менување на имињата, а со оглед на фактот дека албанските советници се (биле во 2012) мнозинство во советот на Општина Чаир, законската (уставната) дилема за која треба да одлучи Уставниот суд се однесува на почитувањето на принципот за Бадентерово мнозинство.

Симптоматично е тоа што и по актуализацијата на случајот и негово толкување на уставноста и законитоста од страна на политичарите, Уставниот суд и понатаму не покажува каков било интерес да се изјасни во однос на претставката од 2012 година. Од Одделот за односи со јавноста на Уставниот суд, потврдуваат дека постои таква претставка од 2012 г., за која уставните судии досега никако не се изјасниле, а не е ниту на дневен ред за разгледување.

– Кај уставните судови, (кај нас и секаде), во принцип нема определени рокови за да се донесе одлука, но сепак се претпоставува разумна ажурност во носењето на одлуките. Засега можеме само да информираме дека претставката за оценување на уставноста и законитоста на преименувањето на училиштата не е ставена на дневен ред – велат од Уставниот суд.

Некои иницијативи и по 8 години сè уште не можат да стигнат на ред пред Уставниот суд – Фото: Игор Бансколиев

Политикантството ја користи можноста да го надвладее правото

Правниците сметаат дека и овој случај предизборно силно го манифестира предизвикот за спроведување на владеењето на правото и правната држава, односно дека правото се користи за задавање ниски политички удари.

– Осумгодишното непостапување по претставката за случајот со преименувањето на училиштата првично покажува дека Уставниот суд не си ја завршил својата работа, што не би требало да биде одлика во заштитата на законитоста и уставноста. Истовремено, таквата практика е неадекватна за владеењето на правото и правната држава, демократски принципи, кои се постојано на тест во нашата држава. Но постои и еден друг аспект на случајот. Непостапувањето на Уставниот суд и недонесената одлука по конкретната претставка, не значи дека преостанатите институции во државата не се обврзани да постапуваат по Устав и закон. Целиот случај со политички мотивираното преименување на училиштата не зборува добро за тие што го направиле, но не зборува добро ни за самата држава. Ако тоа е направено за да се издејствуваат одредени политички компромиси, постигната е само компромитација на владеењето на правото и правната држава – смета поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.

Во однос на практиката на непостапување по одредени претставки од страна на Уставниот суд, професорот на Правниот факултет при УГД во Штип, Димитар Апасиев, оценува дека непостоењето рок за одлучување е правна празнина што се користи за политичка манипулација.

– Не е само оваа претставка (за преименувањето на училиштата) за која Уставниот суд ја користи правната празнина со недефиниран рок за постапување. Таквата празнина најчесто се користи за политичка манипулација. Како Левица имаме поднесено повеќе претставки до Уставниот суд, кои исто така долго време не се ставаат на дневен ред. На Законот за СЈО му помина важноста, а Уставниот суд не се произнесе за претставката за утврдување на уставноста на тој закон. Имаме намера многу брзо да поднесеме кривична пријава до претседателот на Уставниот суд за непостапување за претставката за Законот за двојазичност, која ја поднесовме пред повеќе од една година. Намерата ни е со кривичната пријава да извршиме притисок претставката да биде ставена на дневен ред – вели Димитар Апасиев.