Фото: Дарко Андоновски

Темата поврзана со функционирањето на правосудството и правната држава викендов беше главна точка на која власта и опозицијата си разменија критики. Хронолошки гледано, прв во јавноста се огласи премиерот Зоран Заев, кој во видеообраќање до граѓаните во земјава порача дека во изминатите две и пол години се покажало дека судството останало последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции.

– Овие последни упоришта на „заробената правда“ продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие таканаречени „сваровски“ судски центри на моќ застанаа на патот на правдата – истакнува Заев.

Тој вели дека правосудството мора да се прочисти од нечесните судии и обвинители, за да можат, според него, чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата што ја чекаат граѓаните. Наедно Заев упатува и повик до антикорупциската комисија веднаш да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите и да ги утврди и конфликтите на интереси. Тој ги повикува и Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ги проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите.

Истовремено, премиерот најави дека преку институциите ќе започнат контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство. Според премиерот, Владата ја повикува и Европската комисија веднаш да го почне инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил.
Веднаш потоа се огласи со соопштение и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму реагираат дека премиерот Заев преку Уставниот суд создавал можност по поразот на предвремените парламентарни избори да биде амнестиран за сите коруптивни афери и зделки познати во јавноста.

– За да се оствари тоа, Уставниот суд ќе создаде пракса, Пендаровски ќе реализира. Одлуката на Уставниот суд е јасен показател дека тој како и преостанатото судство целосно се потчинија на волјата на Заев и СДСМ – соопштуваат од опозициската партија.

Од партијата го повикуваат Заев да престане со притисоци врз судската власт и порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е против и нема да поддржи амнестии и аболиции.