Фото: Маја Јаневска-Илиева

По отворените закани за евентуална можност од ново вето од страна на Кипар кон земјите-аспиранти, кое е актуелно во јавноста, експертите се согласни дека Унијата не би смеела да си дозволи ваков нов луксуз на Балканот и неговиот евроинтегративен пат. Но истакнуваат дека мора да има промени и во системот за одлучување во ЕУ, бидејќи, покрај правото на вето, комплицираниот начин на одлучување во иднина може повторно да нѐ исправи пред нови блокади од која било земја-членка и без каков било директен или индиректен повод

Треба ли Македонија да стравува од ново вето на патот кон ЕУ по надминувањето на спорот со Грција. На последниот министерски совет во ЕУ, Кипар се закани со ново вето на идните проширувања доколку Брисел не ги запре турските дупчења за гас во водите околу поделената островска држава.
Ваквите закани и навестувања само ги подгреаја лошите спомени што ги има Македонија во однос на попречувањето на нејзините евроатлантски аспирации. Во таа насока се наметнува и дилемата, која повеќе личи на апсурд, за тоа дали треба Македонија до октомври, додека го чека датумот за преговори, хипотетички да го реши сега и грчко-турскиот спор на Кипар или да ги смири политичките тензии во Албанија и што уште не ќе се побара од неа, за земјава конечно да го започне својот европски пат.
Домашните експерти-познавачи на состојбите во ЕУ коментираат дека официјален Брисел треба да престане со двонасочните политики кон земјите-аспиранти, вклучувајќи ја и Македонија.

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, коментирајќи го последниот развој во ЕУ во однос на новото одложување на датумот за Македонија од страна на Советот на ЕУ, но и евентуалната можност од ново вето од страна на Кипар кон земјите-аспиранти, кое е актуелно во јавноста, вели дека Унијата не би смеела да си дозволи ваков нов луксуз на Балканот и неговиот евроинтегративен пат.

– Впечатокот во јавноста е оправдан. Имено, состојбата е повеќе од иронична. Ниеден сериозен политички субјект, вклучувајќи ја и Унијата (т.е. Советот), не би смеел да си дозволи занемарување на фактите содржани во извештајот за напредок на ЕК. Особено што РСМ направи радикални меѓународнополитички, би рекла дури и безбедносни потфати, кои не само што се од нејзин интерес туку се и од регионален, европски, па дури и глобален карактер. Оттука, верувам дека ќе преовладеат разумот и објективноста и најдоцна до септември ќе добиеме датум, независно од новите уценувања од трети земји со кои се шпекулира во јавноста. Убедена сум дека датумот за РСМ не смее да зависи и да се доведува во врска со соседите, бидејќи нашиот напредок последниве две години е неспоредлив со состојбите во соседството – истакнува Чупевска.

Професорката од Катедрата за политички науки додава дека Брисел мора да направи разграничување што е датум за преговори, а што е влез во Унијата на земјава.
Од друга страна, поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски истакнува дека мора да има и промени во системот за одлучување во ЕУ, бидејќи покрај правото на вето, комплицираниот начин на одлучување во иднина може повторно да нѐ исправи пред нови блокади од трети земји во поглавјата со Унијата.

– Прво и основно, системот на одлучување во Унијата нема уште долго да се промени, бидејќи тоа не е интерес, особено на помалите земји. Од таа гледна точка, Македонија не може да очекува излез од ќор-сокакот во кој е доведена. Одамна е јасно дека ако Грција не се експонира против нашата земја, ќе се појават Бугарија, Кипар и некоја трета земја. Состојбите во Унијата се како сврзани садови и секакви изненадувања се можни. Нема никаква гаранција дека Македонија ќе добие датум за преговори во октомври, сегашното оправдување со Германија е само минливо, а Париз веќе јасно потврдува дека уште долго нема да има проширување. Соочени со ваквата ситуација, власта треба да се концентрира на сериозни реформи, свесна дека и сѐ да се одвива најпозитивно за нас, ќе поминат најмалку 15 години додека Македонија стане членка на Унијата – вели Никовски.

Инаку, известувајќи за завчерашниот судир на членките на ЕУ околу почетокот на преговори со Македонија и со Албанија, Хрватската информативна новинска агенција (ХИНА) јави дека Кипар се заканил со вето на идните проширувања доколку Унијата со поостар став не ги запре турските дупчења во водите околу поделената островска држава. Додека траеле несогласувањата во врска со нацртот во кој требало да стои дека проширувањето зависи од способноста на ЕУ да се реформира, како и од способностите на новите членки да се интегрираат, состанокот дополнително се искомплицирал кога Кипар отворено предупредил дека ќе го блокира целиот текст за изгледите за пристапување на нови членки во Европската Унија, а во таа група се уште Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Паралелно на овие закани за блокади, нема ништо околу долгонајавуваното ново правило на Европската Унија со кое се залагаше да се укинува правото на вето. Како што е познато, досега во стратегијата за проширување на Европската Унија наменета за земјите од Западен Балкан што сѐ уште не се интегрирани, покрај генералните насоки за пристапните преговори и усогласувањето на правните и економски системи, планирано беше да се воведе и ново правило со кое новите земји-членки нема да можат да ги блокираат своите балкански соседи. Сепак, евроизборите и поделеноста во Европа, кои се актуелни периодов, направија ова правило сѐ уште да не се усвои, а ваквата разврска отвора можности Македонија, без оглед на исполнетото, повторно да биде блокирана при секој нејзин нареден чекор на патот кон Унијата од која било земји-членка и без каков било директен или индиректен повод.

[email protected]