Сите извлековме поуки од минатите години, од самостојноста на државата и редно е да се унапредува ова наше заедничко општество како одговорност на власта, на опозицијата и на сите етникуми во државата. Мора да внимаваме сите, случаите се водат транспарентно, а опозицијата е гласна таму каде што мисли дека има слабости и тие да се коригираат. Владата знае да се повлече кога треба. Само ваквите процеси ќе ја позиционираат Македонија и во безбедна и во надежна држава, тоа што го очекувата граѓаните од нас.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на седницата на која се поставуваат пратенички прашања.

– Зарем некој сака по поуките со Мартин Нешковски да прикрива убиство во државата. Зарем некој би си дозволил ваква работа. Денеска има обвинение за убиство со умисла и апсолутно се носат одлуки за пример и по ваквите случаи. Влијае и нашата дебата, како и ние се однесуваме и дали се трудиме од вакви чувствителни случаи да добиеме политички поени или не и какви пораки испраќаме. Влијае и запалување свеќа од политичар при вакви случаи – рече Заев одговарајќи на партеничко прашање од Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ за јавната безбедност.

Заев рече дека најголем дел од раководните структури во МВР не се променети зошто се професионалци. Таму, како што рече, има 427 раководители на сектори, одделенија и сметаме на нивните капацитети.

Потсети дека се спроведоа повеќе акции за да гарнтираат поголема јавна безбедност и додаде оти има сериозни резултати кои се видливи.

Премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање на Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците во врска со повлекувањето на кривични пријави против функционери од поранешната власт, рече дека немаат повлечени ни една кривична пријава.

Повлечени се, посочи, само оние за кои во предистражната постапка не биле обезбедени материјални докази. Меѓу таквите е пријавата против поранешниот министер за транспорт и врски.

– Тогаш јавно објавив за поднесување кривични пријави против функционери на поранешната власт, вклучително и на функционери од ДУИ. Ние немаме повлечено кривична пријава која е поднесена од нас за нив. Една од пријавите беше против поранешниот министер Миле Јанакиески и некој функционер од ВМРО-ДПМНЕ вработен во Телеком да се исклучи телефонот во СДСМ за време на избори. Предистражната покажа дека не се исклучил телефонот, и точно е, не се исклучил, тоа останало на муабет. Знам дека таа постапка е повлечена, како што се повлечени и неколку други каде не се обезбедени материјални докази. Но поголем дел од пријавите поднесени од нас се процесуирани во натамошни постапки, некои се во судски постапки, дел се со поднесени обвиненија, а дел се во истражни постапки – рече премиерот одговарајќи му на пратеникот Рашиди.

На прашањето на овој пратеник зошто се толерира универзитет во Струга, кој тој не го именуваше, а го нарече „јавно претпријатие каде само се доделуваат дипломи“ и каде се бркаат просветните инспектори, Заев одговори Државниот просветен инспекторат постапува по закон и не го интересира, како што рече, каде припаѓа универзитетот – и територијално и сопственички.

– Ќе му дадам налог на ДПИ да постапи согласно закон за универзитетот кој го спомнувате. Веројатно мислите на универзитетот на градоначалникот Мерко, за кој се зборува, или на кој и да мислите меѓу универзитетите во Струга. Ако мислите дека се работи за сите универзитети во Струга, тогаш дефинитивно ќе дадам налог да направи контрола на работењето на сите универзитети во Струга. Сега е време на распуст за да се направат контроли за акредитациите, професионалноста во вршењето на наставните програми и во издавањето дипломи, но ве уверувам нема цена која ќе го спречи владеењето на законот. Ќе дадам налог да се постапи исклучиво по закон и да се издаде решение – ако е се во ред – потврдно, ако не е да се отстранат слабостите-рече Заев.