Фото: Игор Бансколиев

Реакциите на предлог-името од Зоран Заев – „Република Илинденска Македонија“, и во домашната и во грчката јавност, не говорат во прилог на увереноста на премиерот на македонската влада дека е најден севкупен модус за решавање на спорот за името со Грција

Ентузијазмот од страна на Владата по самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија (17 и 18 мај 2018), дека е најдена соломонска формула за решавање на тридеценискиот спор за името на Република Македонија, наметнато од Грција, се чини дека по лидерската средба на политичките фактори во земјава, одржана во саботата, 19 мај, во Клубот на пратениците во Скопје, сѐ повеќе се покажува како нереален. На средбата и официјално било изнесено од премиерот Заев дека предлог-решението за новото име на државата е „Република Илинденска Македонија“, ерга омнес – што би значело и во меѓународна комуникација, но и за домашна употреба, што би било потврдено и со промена на Уставот.

– Информирав за последната фаза од преговорите околу спорот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија. Со целосна одговорност, внимателност и посветеност на државните интереси ги информирав претседателот на државата, на Собранието, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека владите на Македонија и на Грција разговараа за опција и решение, кое може да биде прифатливо и за двете страни. „Република Илинденска Македонија“ е можен компромис, на англиски „Republic of Ilinden Macedonia“, на албански – „Republika Ilindenase e Maqedonisë“ – изјави Заев по лидерската средба.

Потоа премиерот нагласи дека со ова предлог-решение се „зајаканува темелот на нашата Република, а Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост“, а истовремено правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Премиерот Заев, исто така нагласи дека со можниот договор ќе добиеме финална потврда за македонскиот јазик, гаранција за идентитетот и за меѓународните кодови МК и МКД. Со решавањето на наметнатиот спор за името ќе нема повеќе пречки, рече тој, за членство во ЕУ, а вратите ќе бидат отворени наместо блокирани.

– Ќе добиваме повеќе пари и помош од ЕУ. Фондови за движење на економијата, фондови за подобар живот на граѓаните. Во кој момент ќе добиеме столче во Брисел ќе зависи исклучиво само од нас од тоа колку брзо ќе ги спроведеме реформите – рече Заев.
Како што понатаму објаснуваше премиерот, спроведувањето на употребата на новото име за внатрешна употреба би се реализирало во фази, етапно онака како што ќе напредуваме низ преговорите за членство во ЕУ, а ќе се обезбеди преку референдум и преку уставни амандмани.
– Јас донесов одлука и стојам стопроцентно зад стремежот да успееме како народ, како држава, како идеја. Верувам во ова решение, подготвен сум да водам и ќе водам напред. Јас сум Македонец и ве повикувам сите: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други, ама сите, следете ме и поддржете го можното решение за 25-годишниот спор, кој ја влечеше Македонија надолу, за конечно да го решиме – порача Заев.

Но реакциите на овој предлог на Зоран Заев, и во домашната и во грчката јавност, не говорат во прилог на увереноста на премиерот на македонската влада дека е најден севкупен модус за решавање на спорот за името со Грција. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по лидерската средба категорично изјави дека неговата партија категорично се противи на промена на Уставот и уставното име.
– ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот од минатото дека нема да поддржи промена на Уставот и на уставното име. Целиот процес се одвиваше тајно, загрозувани беа националните интереси на државата, целта е јасна влез во НАТО и во ЕУ, но траекторијата е ризична. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот. Денеска првпат бевме запознаени со предлогот што Зоран Заев и Никола Димитров го прифатиле, истиот тој ќе биде претставен и презентиран пред органите на партијата и понатаму партијата благовремено ќе ја информира јавноста. До овој момент нашиот став е непроменет и повторен во многу наврати во минатото – изјави Мицкоски.
Претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, по средбата во Клубот на пратениците манифестираше воздржаност и како граѓанин, и како носител на институцијата претседател, во однос на тоа дали предлогот е достоинствен и повтори ќе го бара предлогот на писмено.

– Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме усно пренесени и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара – рече претседателот Иванов.
Сепак, претседателот на РМ нагласи дека процесот мора да се води во рамка утврдена од ОН.
– Кој било предмет треба да биде разгледан и од експерти од меѓународното право и меѓународни односи, затоа што во минатото видовме недоследност од грчка страна – додаде Иванов.

Само еден час подоцна, откако премиерот Заев по лидерската средба во Скопје изјави дека опцијата „Република Илинденска Македонија“ може да биде решение за спорот, од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас беше испратено соопштение дека тоа е сепак неприфатливо за грчката страна.
– Го поздравуваме тоа што македонската страна прифати дека не може да има решение без ерга омнес, односно за сите употреби. Сепак, ние ги охрабруваме нашите соседи, да продолжиме да работиме заедно за да се најде заемно прифатливо име со географска или временска одредница, како што е предложено од страна на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц – стои во соопштението од кабинетот на грчкиот премиер.
Неколку часа пред соопштението, Ципрас ги информираше парламентарните лидери и претседателот на Грција за последниот предлог за името, но не доби поддршка за „Илинденска Македонија“. Сите опозициски лидери го отфрлија предлогот оценувајќи дека со него „се зајакнува иредентизмот“. 


Никола Поповски: Не исмејувајте се со татковината

Поранешниот министер за финансии и пратеник од редовите на СДСМ, Никола Поповски, на својот ФБ-профил ѝ порача на Владата да го прекине понижувањето на земјата со одобрување подбивни имиња, или да се повлече од процесот.
– За да сфатиме на која несериозна основа се водат државните преговори со Бугарија и со Грција требаше да дојде до денешната катарза во која имаме срамни лицитации и одобрување подбивни имиња за сопствената татковина и најнепријателски изјави на високи бугарски функционери, кои се ситат на нашата целосна политичка изгубеност и си тераат свои агенди. Им дозволија заеднички да се сликаат, смеат и прегрнуваат истовремено додека тие се подбиваат со нас и секојдневно нѐ навредуваат. Или прекинете го натамошното понижување и исмејување на татковината или повлечете се од тој процес – напиша Никола Поповски по самитот на ЕУ за Западен Балкан, кој се одржа во Софија.


Белата куќа го „охрабрува“ Ципрас да продолжи да работи со Заев

Американскиот потпретседател Мајкл Пенс и грчкиот премиер Алексис Ципрас, во саботата вечерта, на 19 мај, телефонски разговарале за преговорите за наоѓање решение за името на Република Македонија, соопшти прес-службата на Белата куќа.
Според соопштението, Пенс „му се заблагодарил на Ципрас за покажаното лидерство, заедно со она на македонскиот премиер Зоран Заев, во нивниот обид да го решат деценискиот спор за името на Македонија“.
– Потпретседателот го охрабри премиерот Ципрас да продолжи да работи со премиерот Заев за заемно прифатливо решение. Решавањето на овој спор ќе помогне за стабилноста и мирот во регионот – стои во документот.
Во соопштението се нагласува и дека Пенс и Ципрас се согласиле дека пред Атина и Скопје се отвора „историска можност да го решат ова прашање“ и оти „времето е од големо значење“.