ЗOШТО УКИНУВАЊЕ НА КОНТРОЛНИОТ ТЕСТ ПО ИЗОЛАЦИЈА?

Од пред неколку дена, во согласност со новиот протокол усвоен од Комисијата за заразни болести, пациентите нема да мораат да прават контролен тест по излегувањето од изолација. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека ако пациентот е асимптоматски случај, на 10-от ден автоматски се генерира извештај за завршување на изолацијата, односно на 20-от ден кај пациентите што имале симптоми.
Според познавачите, оваа нова практика е во ред бидејќи научно е докажано дека по деветтиот ден, дури и позитивните лица не можат да го пренесат вирусот.
– Јас лично го поздравувам ова, бидејќи низ научни трудови уште од пред неколку месеци беше докажано дека по деветтиот ден и позитивните пациенти не може да пренесат болест, т.е. дека го исфрлаат од себе, а тоа исфрлање може да трае и со месеци, но не може тој вирус да биде пренесен. Сега и лабораториски е докажано тоа. Писиар-тестот е парче од РНК, но ги нема оние гени од целиот вирус. Она што се исфрла се мртви клетки – вели проф. д-р Никола Пановски, микробиолог.

Тој истакнува дека единствено нејасно останало прашањето како ќе се постапува со пациентите што имаат симптоми и по 20 дена. Според неговите процени, ако не се отворат училиштата (а нема да се отворат), благо ќе се намалува бројот на новозаразени пациенти до средината на октомври, а потоа сѐ ќе зависи од луѓето и од почитувањето на мерките за заштита.
– Луѓето не треба да се затвораат внатре, да престојуваат во затворен простор. Ако почне да расте, ќе се воведат пак полициски часови, ќе се затворат угостителски објекти – додаде Пановски.
За писиар-тестовите министерот Филипче пред неколку дена информира дека по анализите на МАНУ и препораките на СЗО и на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, Комисијата за заразни болести усвои нов протокол за ослободување пациенти од изолација.
– Досегашните сознанија укажуваат на фактот дека кај пациенти кај кои е дијагностициран вирусот САРС-КоВ-2, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е присутен виабилен, односно репликативно компетентен, односно вирус што може да е доволно силен за да предизвика зараза, по 10 дена од позитивниот тест кај асимптоматските, односно по 20 дена кај пациентите што имаат симптоми – кажа тој.

Во согласност со новиот протокол, позитивниот тест преку лабораториите стигнува во центрите за јавно здравје и во системот „Мој термин“, а понатаму се дистрибуира до матичните лекари. Матичниот лекар ќе имаат обврска како и досега секојдневно да ги следи електронски пациентите. Тој укажува дали пациентот има или нема симптоми. Ако пациентот е асимптоматски, на десеттиот ден автоматски се генерира извештај за завршување на изолацијата, односно на дваесеттиот ден кај пациентите што имале симптоми.
– Претходните препораки што досега важеа кај нас, но и во многу други земји во светот за два негативни писиар-тестови беа базирани на искуствата со вирусите САРС и МЕРС, поради тоа што овој вирус беше непознат. Но најновите препораки ги земаат предвид сознанијата генерирани во последните шест месеци од оваа пандемија – рече министерот.