Многу граѓански здруженија и парламентарци бараа транспарентност за информацијата за чинењето на вакцините против ковид-19, бидејќи тие се плаќаат со пари на даночните обврзници, но Европската комисија (ЕК) одби да ги каже цените, притоа велејќи дека тоа е „тајна“. Но иако високосензитивна, во јавноста сепак протече информацијата за цената на вакцините за земјите на ЕУ

Протече информацијата за тоа колку
чинат вакцините против ковид-19

Која е најевтина, а која е најскапа вакцина против коронавирусот?
Европската комисија (ЕК) подолго време, поради одредени околности, не ја откриваше информацијата за цената на вакцината против ковид-19 што ја нарача од името на земјите-членки. Иако многу граѓански здруженија и парламентарци бараа транспарентност за ова, бидејќи вакцините се плаќаат со пари на даночните обврзници, комисијата одби да ги каже цените, притоа велејќи дека тоа е „тајна“ бидејќи станува збор за комерцијални договори.
Но по грешка, ценовникот се обелодени во Белгија. Државната секретарка за буџет на Белгија, Ева де Бликер, по грешка го објави ценовникот на Твитер. Тоа веднаш беше објавено во најтиражниот белгиски весник „Хет Лаатсте Ниус“ (ХЛН). Иако твитот беше брзо избришан, ХЛН направи скриншот на кој беа прикажани цените.
На тој начин, граѓаните на Унијата дознаа дека ќе плаќаат од 1,78 до 18 евра по доза за вакцини договорени од Европската комисија.
Првата вакцина што веќе почна да се користи е од производителите „Бионтек“ и „Фајзер“, а неа ЕУ ја договори по цена од 12 евра по доза. Бидејќи ќе бидат потребни две дози по лице, вакцинацијата за еден граѓанин ќе чини 24 евра од оваа вакцина.
Најевтината вакцина е заеднички произведена од универзитетот „Оксфорд“ и од „Астра зенека“ и чини само 1,78 евро по доза. Производителите на оваа вакцина се обврзаа дека нема да имаат заработка од вакцината.
Во меѓувреме, белгиската државна секретарка изјави дека објавата е „грешка на тимот за комуникации“, но дека тоа нема да го загрози снабдувањето со вакцини во Белгија. И во Европската комисија сè уште „не сакаат да коментираат“ и велат дека цената на вакцината е „тајна“.