Фото: Игор Бансколиев

По усогласувањето, односно прифаќањето или одбивањето на предлозите од стручната јавност, претседателот на Собранието, Талат Џафери, потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандманите, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од договорот од Преспа

По усвојувањето на уставните нацрт-амандмани во Собранието и по организирањето на јавните расправи од три дена од страна на предлагачот на уставните измени – Владата, сега следува извештај што треба да се достави до Собранието околу предлозите што произлегле од јавните дебати. По усогласувањето, односно прифаќањето или одбивањето на предлозите од стручната јавност, претседателот на Собранието, Талат Џафери, потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандманите, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од договорот од Преспа. Од Владата пред организирањето на дебатите минатата недела соопштија дека се отворени за сугестии и побараа од сите пратеници да се вклучат во дебатите за амандманите. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на оваа тема викендов во интервју за РСЕ рече дека процесот на уставни измени сѐ уште бил во развој и додава дека требало сите „државни институции да бидат внимателни, и да го чуваат од надворешни инфламации, затоа што лесно може да се загрози неговиот имунитет“.

– Сега, да ја кажам вистината. Како да имам еден немир, затоа што овој е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невнимателноста на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес што веќе е затворен и дека е завршен – вели Ахмети.

За разлика од Ахмети, неговиот владин партнер Зоран Заев изгледа поуверено.

– Верувам дека до крајот на јануари, парламентот ќе даде поддршка за договорот со Грција по што ќе следува и поддршката на договорот и од страна на Грција, како и на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпише Протоколот за членство на Македонија во НАТО и дека Македонија ќе биде 30-та земја-членка на НАТО – изјави Заев викендов на средбата со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ.

Во меѓувреме, расправата за нацрт-амандманите помина во знакот на меѓусебните обвинувања на владејачките партии и опозицијата за тоа кој создал поделби во македонското општество, а беа изнесени и ставови „за“ и „против“ промената на името за членство во ЕУ и во НАТО. Некои од албанските партии како Беса и Алијанса за Албанците побараа да се разговара за јазичната рамноправност бидејќи, според нив, отворањето на уставните измени се добар момент да се разговара за тоа.

Инаку, нов претрес на амандманите, според процедурата, треба деновиве да има во комисијата за уставни прашања, а последната и клучна фаза, според роковите, е предвидена за втората половина на јануари. 

Фото: Игор Бансколиев