Фото: Игор Бансколиев

Иако чествувањето на празниците пред сѐ има црковен аспект, сепак во Македонија постои голема традиција на семејни слави, од кои верниците тешко би се откажале. Кои се препораките на свештенството, но и на здравствените власти, како тие да бидат организирани безбедно

Ќе можат ли македонските православни верници да најдат баланс и да ги зачуваат традициите на семејни слави од една страна, а од друга да спречат можно ширење на коронавирусот, преку домашни групирања во периодот што доаѓа.
Со Голема Богородица, која се слави в петок, практично почнува периодот на есенско-зимските слави, поврзани со верските празници, за кои македонските православни верници имаат изградено вековна традиција на домашни слави, или, пак, чествувања на празниците со големи масовни собирања во црковните дворови.
Прашањето што си го поставуваат многу верници што имаат домашни слави е како ќе изгледа чествувањето на празниците во услови на пандемија.
Покрај Голема Богородица, празник што најмасовно се слави на ваков начин речиси во сите градови во Македонија, во септември годинава има уште три вакви слави, Мала Богородица, Свети Јован и Крстовден.
Света Петка во октомври, а во ноември и декември, кога заедно со коронавирусот ќе се испомеша и сезонскиот грип, се најголемите зимски слави, како Митровден, Архангел Михаил, Свети Климент, Свети Никола.

Иако чествувањето на празниците пред сѐ има црковен аспект, сепак во Македонија постои голема традиција на семејни слави, од која верниците тешко би се откажале, па затоа препораките и на свештенството, но и на здравствените власти, се како тие да бидат организирани безбедно.
Речиси секое второ семејство во земјава овој период од годината има домашна слава или именден, кој го слави во кругот на блиските и пријателите.
Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека сега почнува периодот на прославувањето на светителите како домашни слави меѓу македонските верници.
Отец Бобан Митевски вели дека поради мерките за заштита од ширење на вирусот, верниците треба да ги следат протоколите и не треба да се обврзуваат на масовна прослава на славите во домашни услови, како што правеле низ годините.

– Најважно е да биде запазен верскиот аспект на одбележување на славата со одење во црква и носење леб. Не мора да се вика свештеник да го прави тоа во домашни услови. И не е задолжително дека славата треба да се прослави масовно, туку може и само со најтесното семејство – посочува отец Митевски.
Според теолозите, одбележувањето на домашниот празник или славата претставува начин на прославување на светиите, како што практикува и македонскиот православен народ во својата традиција и црковно живеење.
МПЦ смета дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава. Оттаму велат дека верниците треба да внимаваат на тоа славите да ги празнуваат во духот на православието, односно ако славата се паѓа во среда и во петок, да се одбележува со посна трпеза, исто како што тоа треба да се прави за време на постот.

Според теолозите, секој верник има различен пристап во изборот на тоа кој светител ќе го земе за свој закрилник, за домашен празник или слава.
И епидемиолозите велат дека овој период што доаѓа е особено важен за да се почитуваат мерките и дека секој празник и слава може да се организираат со малкумина, меѓу кои би се одржувало физичко растојание, без масовни групирања.

[email protected]