ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ НА 17 ОКТОМВРИ

Официјалната кампања за локалните избори, чиј прв круг е закажан за 17 октомври, почнува денеска, на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ. Вториот круг на изборите, пак, ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за вториот круг ќе трае до 29 октомври.
Овие локални избори ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и градот Скопје.
Во изборниот натпревар, според статистиката на Државната изборна комисија, влегуваат близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници во 80 општини во земјава и градот Скопје.
Според статистичките податоци на ДИК, во трката за градоначалничко место учествуваат 301 кандидат, со апсолутна доминација на машкиот пол, односно само 8,31 отсто од кандидатите се жени. Најмногу кандидати има за Скопје – 12, а потоа се Струга и Долнени, со по осум кандидати, додека во десетина општини има само по двајца претенденти за градоначалничка функција.
Од вкупно 301 кандидат за градоначалник на претстојните локални избори на 17 октомври 2021 година, 26 се независни, или 8,75 проценти. Ова е помалку споредено со последните, кога независни кандидати за градоначалници биле нешто над 10 проценти.

Најмногу независни кандидати за градоначалник имало на локалните избори во 2005 година – над 25 проценти, а најмалку на првите во 1996 година – 7,5 проценти.
Независни кандидати ќе има во 18 општини и градот Скопје, или во 22 проценти од вкупно 80 општини.
На сите локални избори досега имало барем еден независен кандидат што добива мандат. Најмногу независни кандидати добиле мандати на локалните избори во 2005 година – седум, а најмалку на првите во 1996 година – еден независен кандидат.
Според Државната изборна комисија, потребниот број потписи го собрале 57 групи избирачи за советнички листи, од вкупно 70 што собирале потписи.
Од вкупно 546 поднесени листи за советници, 63 или 11,5 проценти се независни. Независни советнички листи има поднесено во 40 општини или во половина општини и градот Скопје. Најмногу независни листи имало на изборите во 2013 година – над 17 проценти, а најмалку на првите и вторите во 1996 и 2000 година, кога само нешто над три проценти од поднесените листи за советници биле независни.
На првите локални избори по новата територијална распределба во 2005 година независни советници имало во над една третина од општините – 36,47 проценти, потоа тој број полека се намалува на 35 проценти во 2009 година, на 29,6 отсто во 2013-та и на 22,2 на последните во 2017 година.


Историјат за локалните избори

Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус градот Скопје.
Вторите локални избори се одржани на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус градот Скопје.
Третите локални избори се одржани на 13 март 2005 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 84 општини и градот Скопје. Ова се првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините.
Четвртите локални избори се одржани на 22 март 2009 година, на кои се избирани градоначалници и советници во 84 општини и градот Скопје.
Петтите локални избори се одржани на 24 март 2013 година за избирање советници и градоначалници во 80 општини и градот Скопје.
Шестите локални избори се одржани на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и градот Скопје.