Фото: Маја Јаневска-Илиева

За Македонија е важно да има функционални институции, избрани по демократски пат и со целосен мандат и овластувања. Тоа е дополнително важно поради очекуваниот почеток на преговарачкиот процес со ЕУ, велат странските дипломати по најавите
дека се можни избори во јули

Уредбата за дополнување на уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, која Владата ја донесе во средата (10 јуни) вечер, која во дел од јавноста беше протолкувана како своевидно одредување на датумот за одржување на изборите, на 5 јули, сеДИК чини дополнително ги засили партиски спротивставената реторика и аргументи токму пред финалето на четвртата вонредна состојба, која завршува в сабота, на 13 јуни. Со дополнителната уредба, со која всушност се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 став 6 на Изборниот законик, за ажурирање на избирачкиот список, се создаде атмосфера во јавноста дека Владата всушност ја става опозицијата пред свршен чин со одржувањето на изборите на 5 јули. Истата вечер кога беше донесена уредбата, комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, имаше телефонски разговор со лидерите на двете најголеми партии во Македонија, Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, токму з прашањето на можноста за договор за соодветен датум за одржување на изборите. Вклучувајќи се во заглавениот „комуникациски канал“ меѓу македонските партии за медијација во дијалогот, еврокомесарот Вархеи, по телефонските разговори, објави на Твитер дека „ја потенцира важноста од слободни, фер и инклузивни избори во Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со ковид-19, како и потребата ефикасно да се адресира економската обнова“.

Ваквата содржина на твитот на Вархеи наиде на различно толкување од страна на политичките чинители во Македонија, но, според неофицијални информации, кои се појавија во медиумите, еврокомесарот во телефонските разговори со лидерите на најголемите партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски сугерирал да се разгледа опцијата за одложување на процесот за уште десетина дена. Но во СДСМ велат дека веќе нема законски можности за одложување на изборите, ниту за продолжување на вонредната состојба, така што партијата се подготвува за избори на 5 јули. Од друга страна, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму остануваат на ставот дека не се плашат од избори, но дека опасноста од ширење на пандемијата сѐ уште е реална опасност.

Сепак, уредбата со законска сила за ажурирање на избирачкиот список станува важечка со објавување во „Службен весник“, што на некој начин се доживува како активна подготовка за избори, иако претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, останува на ставот дека се потребни околу 50 дена за ажурирање на избирачкиот список.

Изборната драматика околу продолжувањето на изборните активности е предизвикана од континуираното засилување на т.н. втор пандемиски бран во земјава, а здравствените власти имаат исклучително важна улога во одредувањето дали постојат услови за одржување избори, односно да дефинираат критериуми за здравствена безбедност на изборниот процес.

Драган Даниловски, директор на Институтот за епидемиологија и биостатистика на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен министер за здравство, прашан дали треба да се дозволат избори во Македонија закажани за почетокот на јули, вели дека е тешко да се исполнат здравствените критериуми.

– Очигледно таков критериум е тешко да се исполни. И затоа практично сите одлуки за масовните настани се, пред сè, политички. Станува збор за уметност на управување, уметност при избор на најповолен компромис помеѓу здравствени ризици за населението од една страна и други видови ризици (социјални, економски, политички). Основниот принцип е: мерките преземени во конкретна криза никогаш не смеат да предизвикаат поголема штета отколку што би била предизвикана од таа криза – гласи одговорот на Даниловски. 

Новите здравствени ризици од брзо спроведување избори треба да се разгледуваат и од аспект на интересите на долгогодишните заложби за интеграција на Македонија во ЕУ. Фактот дека земјата се наоѓа пред почнување процес на преговори е уште посложен зашто поради одложените избори Македонија е со нефункционално собрание и техничка влада.

– За С. Македонија е важно да има функционални институции, избрани по демократски пат и со целосен мандат и овластувања. Тоа е дополнително важно поради очекуваниот почеток на преговарачкиот процес со ЕУ, за кој есенва се очекува договор за организација на меѓувладина конференција, со која започнуваат преговорите. Сѐ друго е работа на договор на политичките партии, врз основа на важечките правила и процедури – вели Милан Јазбец, амбасадорот на Словенија во Македонија, потсетувајќи на уште една клучна потреба за спроведување „фер, слободни и инклузивни“ избори.