Фото: Дарко Андоновски

Почетокот на втората фаза од процесот на уставните измени, кои треба да се спроведат во согласност со спогодбата од Мала Преспа, и расправата за нацрт-амандманите беа првично одложени поради барањето на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ да биде овозможен директен пренос на Собранискиот канал од дебатата што се води во собраниската комисија за уставни прашања. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицовски, побара работата на комисијата да може да се следи во живо на Собранискиот канал, односно да се создадат услови за директен пренос.

Претседателот на комисијата, Талат Џафери, го одби ова барање, со образложение дека медиумите се присутни во собраниската сала, со што е овозможено јавноста да биде информирана.

Веднаш потоа, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во Собранието ги обвини СДСМ и претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека сакаат уставните измени да ги протнат на мала врата.

– Парламентарното мнозинство на СДСМ и Талат Џафери сакаат дебатата за уставни измени да помине далеку од очите на јавноста. Тие сакаат уставните измени да ги протнат на мала врата. Се плашат да се соочат со пратениците на опозицијата и аргументите. Зошто првата седница не е емитувана на Собраниски канал? Ова е прашање од највисок интерес за граѓаните на Македонија. Собранието има програмска одговорност, а ние, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараме седницата да се пренесува на Собраниски канал – истакна Мицевски.

Инаку, пред собраниската комисија четирите нацрт-амандмани што ги предложи Владата, ги образложи премиерот Зоран Заев, кој рече дека тие ја заслужуваат поддршката од сите пратеници во Собранието во име на ЕУ-интеграциите и новата политичка реалност.

– АСНОМ не се брише од преамбулата на Уставот на Република Македонија. Тој ќе се содржи двапати. Во преамбулата ќе се додадат и зборовите „Охридски рамковен договор“ со што ќе се потврди историското значење за нашата држава. Пратениците, со поддршка на иницијативата ќе покажат дека се за европска иднина на Македонија – рече Заев пред Уставната комисија.

Преку седницата на Комисијата за уставни прашања, на која се расправа за четирите предлог-амандмани на Владата, почнува втората фаза во Собранието, од процесот на имплементација на договорот со Грција.

За четирите амандмани што произлегуваат од спогодбата од Мала Преспа, дебатата во Уставната комисија може да трае вкупно 12 дена. Целата постапка за промена на Уставот се очекува да заврши за околу 60 дена. Пленарната собраниска седница за усвојување на текстот за четирите амандмани веќе е закажана за 1 декември. По расправата на оваа пленарна седница, за усвојување на текстот на амандманите е потребно просто мнозинство од 61 пратеник. По неа повторно ќе има дебати во Уставната и во Законодавноправната комисија и јавна расправа, по кои повторно треба да се гласа на пленарна седница, за последен пат од процедурата, и во овој случај пак е потребно двотретинско мнозинство. И покрај силното противење, ВМРО-ДПМНЕ сепак учествува на комисиската седница во Собранието за нацрт-амандманите за уставни измени. Координаторот на најголемата опозициска партија, Никола Мицевски, веќе изјави дека преку дебата „ќе ги разобличуваат штетните политика на власта“. Според Мицевски, стратегијата на настапот најмногу ќе се темели на референдумот и непостигнатиот цензус на него.

– За жал, владата на Зоран Заев продолжи да го силува процесот. Имаме еден куп забелешки и на текстот на нацрт-амандманите. Најголемо вознемирување предизвикува амандманот што се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија и тоа секаде во Уставот, што значи дека само со еден нацрт-предлог се брише сè што е македонско – изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пред почетокот на расправата во собраниската комисија за уставни прашања.

Втор аргумент за опозицијата ќе биде Охридскиот рамковен договор и неговото вметнување во преамбулата на Уставот. За ова, ВМРО-ДПМНЕ има мислење дека Владата дејствува несериозно затоа што го додала во содржината без никакви најави.


Беса и Обединети за Македонија со свои предлози

Делот од движењето Беса, предводено од Билал Касами има четири предлози што бараат да бидат вградени во уставните амандмани, а тие веќе писмено се доставени до партиите СДСМ и ДУИ. Од Беса уверуваат дека без усвојување на нивните амандмани нема да гласаат за уставните измени. Првата точка од нивното барање се однесува на преамбулата на Уставот, во која бараат „предлогот што беше одобрен од страна на потписниците на Охридскиот договор од 2001 година, каде што Македонија ги дефинираше како еднакви сите нејзини граѓани, да биде вметнат во текстот на преамбулата“. Потоа бараат на целата територија на Македонија и во меѓународните односи, службен јазик да бидат македонскиот јазик и кирилицата и албанскиот јазик и неговата азбука. Третото барање е во контекст на граѓаните што живеат надвор од територијата на Република Македонија, односно „Македонија да се грижи за сите нив, а не само за македонското население, додека другите етнички групи се генерализираат во ’други граѓани’“. Четвртата точка од барањето е во врска со претседателот на државата, кому треба да не му се дозволи да ги блокира законите вторпат изгласани во Собранието, така што навремено, по второто гласање, а не со декрет на претседателот на државата, одобрениот закон ќе се објави само со потпишување на претседателот на Собранието.
Во сосема друг контекст е барањето на Обединети за Македонија, кои „како десничарска партија бараат ВМРО да влезе во преамбулата на Уставот, но и дека мора да се забрани името ВМРО во имињата на партиите“, стои во обраќањето до јавноста на оваа партија.