Фото: Игор Бансколиев

Денеска е првиот ден од тридневниот гласачки процес за предвремените парламентарни избори во Македонија кои ќе завршат в среда.

Од Државната изборна комисија информираат дека први своето избирачко право ќе имаат можност да го остварат вкупно 706 избирачи кои се позитивни на ковид-19 или во самоизолација, а кои се пријавиле да гласаат и нивната пријава била прифатена од општинските изборни комисии.

– Овие гласачи во текот на денешниот ден ќе бидат посетени во адресите каде се пријавиле да гласаат од страна на посебните избирачки одбори – информираат од ДИК.

Во овој изборен процес, гласањето ќе се спроведува во три дена, каде што различни категории на гласачи ќе можат да го остварат своето право на глас.

Денеска правото на глас ќе можат да го реализираат гласачите кои се позитивни на ковид-19 или кои се во самоизолација. Болните и немоќните ќе можат да го остварат своето право на глас утре, исто како и лицата кои се наоѓаат во казнено поправни установи.

– Во текот на утрешниот ден ќе се спроведе гласање во 13 казнено-поправни установи, каде 1.657 гласачи ќе имаат прилика да го остават своето право на глас. Во текот на утрешниот ден избирачките одбори ќе спроведат гласање на болни и немоќни, и лица кои се наоѓаат во куќен притвор, а вкупно такви има 8.852. Во центарот за внатрешно раселени лица ќе гласаат шест граѓани – информираат од ДИК.

Во 17 установи за вонсемејна грижа, правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.

Со право на глас на предвремените избори за пратеници во Собранието на Македонија во избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.263.

За овој изборен процес, акредитирани се 96 странски и 2.508 домашни набљудувачи.

Од ДИК ги повикуваат граѓаните да го остварат своето гласачко право со заокружување на бројот пред опцијата која сакаат да ја изберат, без да ставаат други знаци на гласачкото ливче, бидејќи така тоа ќе се смета за неважечко.

Државната изборна комисија има отворено и броеви каде граѓаните ќе можат да ги исконтактираат, а тоа е бесплатниот број: 0800 555 44 и бројот за видео-повици 076488360 за граѓаните со оштетен вид и слух.