Фото: Маја Јаневска-Илиева

За околу 300.000 ученици и над 50.000 студенти вчера започна новата учебна година, која поради пандемијата на коронавирусот ќе се одвива комбинирано со физичко присуство, но и преку онлајн настава.
Со маски на лицата, со мерење температура на влезот и со дезинфицирање на рацете, го одбележија годинашниот почеток на учебната година. Во 600 училишта во државата, новата учебна година започна со физичко присуство, а преостанатите ученици го имаа првиот училишен час онлајн. Во многу училишта со физичко присуство имаше прием на првачињата надвор во училишниот двор, а родителите ги носеа второодделенците и третоодделенците во училишните објекти.
Во основното училиште „Коле Неделковски“ приемот на децата се одвиваше по протокол. Децата внимателно ги следеа насоките од нивните наставнички и се придржуваа кон правилата. Патеките на движење се обележани со стрелки, има плакати со информации за заштита од вирусот.

За основците од четврто до деветто одделение и за средношколците, наставата започна од дома, пред монитор, преку онлајн платформата базирана на Мајкрософт тимс и со емитување часови на македонски и на албански јазик на националната телевизија. На првиот ден учениците имаа одделенски час. Се видоа со своите соученици и со наставничките, кои им кажаа дека од понеделник започнуваат да работат во согласност со распоредот на часовите.
Вчера започна и новата академска година. Пред платото на Филозофскиот факултет бруцошите, почитувајќи ги правилата во согласност со протоколите, ги слушаа обраќањата на деканот проф. д-р Ратко Дуев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и на министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа им посака успешна академска година на бруцошите и кажа дека во овие времиња заеднички ќе ги совладуваат предизвиците што ќе се појавуваат.

– Меѓу другото, пристапот на студентите до електронските ресурси е многу битен. Покрај платформата за следење на настава, имате и пристап до трудовите на Филозофскиот факултет, ги имаме сите броеви на 12 научни списанија, низа електронски ресурси, кои постојано се надградуваат. Факултетот е горд на претплатите за странските бази со научни трудови – рече проф. д-р Маја Геровска Митев, продеканката за меѓународна соработка.