Фото: Игор Бансколиев

Во време кога е важен секој изминат ден, секој изминат час во пресрет на
предизвиците пред кои се наоѓа државата, како енергетската и економската криза, политичките надмудрувања и меѓупартиски расправања не им носат ништо добро на државата и на граѓаните. Во моментов граѓаните очекуваат итни решенија, со кои од политичка криза земјава би влегла во политичка стабилност

Времето гази, а политичката криза се продлабочува

Политичкиот театар на кој македонските граѓани сведочат изминатите десетина дена е најдобрата потврда дека политичките субјекти во земјава немаат чувство за итност и брзо наоѓање решенија што треба да бидат во интерес на граѓаните и државата.
Во време кога е важен секој изминат час, секој изминат ден во пресрет на предизвиците пред кои се наоѓа државата, како енергетската и економската криза, постојаното чекање, тактизирање, расфрлањето со соопштенија и меѓупартиското надмудрување и расправање не им носат ништо добро на државата и на граѓаните. Од политичарите од власта и од опозицијата се очекува да ги решаваат проблемите, а не дополнително да ги создаваат. Притоа, во сегашните услови, одлуките мора да бидат брзи и енергични. Секое задоцнување и тактизирање нѐ чинат многу сите.
Од тие причини слободно може да се каже дека решение и излез од сегашната политичка криза и пат-позиција требаше да има уште вчера, бидејќи секое одолжување дополнително ја турка земјата во хаос и неизвесност.
Она што сега треба да го направат партиите е да понудат брзи и ефикасни решенија, преку кои од политичка криза земјава би влегла во политичка стабилност, што, секако, ќе придонесе за подобро справување со она што ја очекува во следниот период, заканата од нов ковид-бран, како и менаџирање на енергетската и економската криза.
Статус кво ситуацијата во моментот не му оди во прилог никому, бидејќи нема функционална влада, не се носат одлуки, политичарите, министрите и пратениците повеќе се занимаваат со превирањата во сопствените партии, а на сето тоа не му се гледа крајот. Затоа се потребни храброст и одговорност да се преземат чекори што ќе доведат до брз излез од актуелната криза, наместо бесконечно тактизирање и губење драгоцено време.

– Вообичаено е кога станува збор општо за поширока криза и на определен начин има елементи на хаос во државата, тогаш треба да се одговори брзо и со висок степен на ред. Тоа значи дека актуелната власт треба прво таа да се организира, а потоа и другите сили заеднички да се соочуваат со тешкотиите – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, сите политички субјекти треба да се обединат околу еден заеднички именител – брз излез од кризата.
– Не е спорно дека има крупни проблеми што се делумно долгорочни, делумно што се ургентно настанати и што може да имаат големи последици и врз живеењето, но и врз остварувањето на животните функции на граѓаните. Затоа сметам дека политичките сили можат да најдат некој заеднички именител што би претставувал некаков период што би значел соочување со кризата, но, за жал, овие политички субјекти кај нас во определен период станаа носители на кризата, ја продлабочуваа, а не нудеа решенија – истакнува професорот Андревски.
Тој потсети дека на Македонија и во минатото ѝ се случувале вакви периоди, кога наместо да се реагира брзо, непотребно се одолжувало.
– Во кризната 2001 година, кога имаше оружени конфликти низ земјава, тогаш кога организмот требаше да биде моќен, здрав и да може да се соочува со заканите, тој не беше таков. Сега, исто кога треба да се соочуваме со здравствена, енергетска и економска криза, ние се доведовме во една стресна состојба по локалните избори, со очекување да се формира нова влада – потсетува Андревски.
За него, брза реакција може да иницира претседателот на државата, за да може и ноември, кој полека изминува, да се смета за месец во кој е реагирано.

– Сега мора и претседателот на државата да си дозволи во определен број нијанси да ги надмине ингеренциите и да свика или лидерска средба или да се обрати до нацијата со повик за еден период во кој би се смирувале политичките страсти, а во меѓувреме брзо да се организира владеењето, можеби во Владата да се додадат некои членови што би биле опозициски расположени и заеднички сите да работат на решенија – потенцира Андревски.
Тој особено предупредува дека ако нема брза разврска на кризата, тоа ќе доведе до дополнително парализирање на состојбите.
– Важно е да има брза реакција и ноември веќе треба да се смета за месец во кој веќе е реагирано. Последиците може да доведат до тоа да се нарушат некои елементи што потоа тешко ќе можат да се воспостават, како правна сигурност на целото општество, нарушување на функциите на живеењето, остварување можности за стопански активности… Мора да се најде итен излез – апелира Андревски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски не препознава волја кај партиите за брза разврска на кризата.
– Не гледам дека во оваа ситуација која било партија „се претргна“ за брза разврска, напротив – смета Арсовски, коментирајќи ја волјата на некои од политичките субјекти за брзи избори како еден од начините за брз излез од политичката криза.