Пред наши очи, без да сме воопшто свесни за тоа во хаосот на современиот свет, преку конфронтацијата на поморските сили на Велика Британија, САД и на целиот западен воено-политички блок со континенталните сили Русија и Кина, се одвива една голема битка за контрола врз централната светска копнена маса – Евроазија, и нејзиниот европски центар, Источна Европа. Оваа, на прв поглед, тешко видлива поширока слика на целокупните тековни светски конфликти ќе ја одреди историјата на 21 век, на ист начин како што големите светски војни ја одредија онаа на 20 век. Прашање на време е кога конфликтот поттикнат од страна на геополитичките џинови – Западот и Русија на европската и истовремено Западот и Кина на азиската страна на Евроазија, ќе прерасне во глобална воена пресметка – битка над сите битки

Анализа: Битка над битките за „срцето“ на светот (3)

Но и таквиот развој на настани носи ризици, зашто во настанатата геополитичка празнина би можел да се вметне некој друг европски хегемон, пред сѐ Германија, која во ваквиот развој на настани сигурно би се обидела да се ослободи од синџирите што сега ја ограничуваат.

Западот си го „создаде“ Путин

Од парадигмата на понижената и ослабена Русија се изродија Путин и неговата ера. Во основа, американската и британската политика се тие што го создадоа Путин и, рака на срце, доколку неговата политичка струја исчезне од сцената, САД и Велика Британија повторно би западнале во големи проблеми.
На пример, некој како Навални, поради неговата очигледна поврзаност со германското разузнавање и политичките кругови, за американската и британската политика би претставувал само уште еден кошмар и со сигурност не би опстанал долго на руската политичка сцена. Всушност, исклучително е тешко во Русија да се пронајде соодветна политичка фигура, која во целост би им одговарала на американските и британските интереси и не би претставувала опасност од поврзување со Германија.
Конечно, во игра е и Полска, која не може да си дозволи поврзување на Германија и Русија, што би создало претпоставки за нејзино петто по ред распарчување. Меѓутоа, најголем проблем кај денешниве геополитички поставки и тампон-зоната меѓу европските континентални сили и Русија е фактот дека земјите што ја сочинуваат оваа зона на раздвојување не се во иста позиција како онаа од времето помеѓу Првата и Втората светска војна.
Денес постои НАТО-сојуз под водство на САД и овие држави се собрани во него. Тие не се самостојни сили, каква што беше Полска помеѓу двете војни. Во нив се стационирани американски и британски воени сили, па, оттука, тие се дел од заедничка воена и политичка коалициска сила, која полека но сигурно се доближува до максимално директен контакт со Русија како соперничка сила. Таквата тампон-зона не спречува директен контакт на конкурентските сили, туку, напротив, го овозможува. Единственото нешто што таа го раздвојува е директниот контакт помеѓу Германија и Русија. Доколку сојузничката коалиција под водство на САД, покрај Украина, завладее и со Белорусија, Грузија и со Азербејџан, кругот околу Русија ќе биде комплетно затворен.

Прашање за милион долари

Прашање за милион долари – што ќе се случи откако НАТО, предводен од САД, целосно се пробие до руските граници? Што потоа? Каков е понатамошниот план и каква предност носи тоа за американските и сојузничките геостратегиски позиции?
Ова се прашања без јасен одговор.
Не е лошо да се потсетиме: последниот пат кога американските воени сили дојдоа во директен контакт со спротивставената евроазиска моќ, Кина влезе во Корејската војна.
Пробивот на американските сили до границата на Северна Кореја со Кина, по успешно завршената контраофанзива на јужнокорејските и силите на ОН, не резултира со смирување на Кина и откажување на нејзината поддршка за Северна Кореја, туку, напротив, со масивен кинески напад преку границата врз американските и сојузничките сили. Кинескиот напад беше запрен дури на најдолниот југ на Јужна Кореја.
Клучната причина за упорното одржување на севернокорејскиот режим се крие во неговата улога на тампон помеѓу кинеските и американските воени потенцијали, иако во приказната важна улога игра и стравот на регионалните сили од обединета Кореја.
Слично нешто се случи и по поделбата на Полска, кога се случи директен контакт помеѓу германските и советските сили. Војната беше неизбежна. Големите сили чии интереси се спротивставени не поднесуваат блиски воени допири.

Тие за нив претставуваат не само непријатна геополитичка позиција туку и животна опасност.
Оттука, за жал, можно е да дојде до нова голема војна, не само поради стапувањето на спротивставените страни во директен воен допир (како во случајот на првата Студена војна), туку најмногу поради тоа што геополитичките поставки на евроазиските простори се речиси идентични со оние од 1914 и 1939 година, а и актерите се речиси оние истите од тогаш.
Ниту во дамнешната 1914 година, кога светот беше во економски и технолошки напредок, а ниту пак кон крајот на 1930-тите, речиси никој не сакаше да верува дека сѐ ќе заврши со катаклизмични масакри. Сепак, се случи токму тоа, а лесно може да се случи и повторно, доколку геополитичките сили на евроазиските простори, по некое чудо, не го променат правецот на движење со употреба на нови, разумни политики.
Меѓутоа, историјата постојано се повторува и геополитичките одредници се безнадежно непроменливи, дефинирани со географија и практично ригидни национални интереси. Она што се менува е само технологијата, која до одреден степен, но полека и нерешително, прави промени во геополитичките поставки. Историските искуства нѐ подучуваат дека не треба многу да се смета на разумот на политичките актери. Уште повеќе затоа што ни нуклеарното оружје веќе не е гаранција дека нема да дојде до голема војна, исто како што ни хемиското оружје не ја спречи Втората светска војна.
Никој во неа не користеше хемиско оружје, па логично е да се помисли дека и новиот потенцијален светски судир би се водел без употреба на нуклеарно оружје. На масите на воените и политички стратези на силите што ја креираат нашата иднина се наоѓаат секакви варијанти, па така и оваа. Битката за „срцето“ на светот и за Источна Европа полека влегува во зоната на самракот.

Поморските сили на САД и Велика Британија никогаш нема да дозволат појава на европска континентална сила, која би била хегемон на Источна Европа, а со тоа и на „срцето“. Конфликтите и воените закани ќе продолжат во недоглед, сѐ до новата голема пресметка. Она што сега го гледаме на европскиот дел од централното светско копно е битката за Источна Европа и „срцето“, која во себе содржи потенцијал да го воведе светот во нова голема војна.
Во ерата на глобално геополитичко конфронтирање на најмоќните сили и веќе активираната биолошка војна, светот се лизга кон битката над битките. Прашање е само на кој начин таа ќе се води – како конвенционален воен судир или пак ќе биде нешто што не сме го виделе досега. А можеби сме веќе длабоко навлезени во она што не сме го виделе. Впрочем, реата на ѕверот што лази под превезот на регионалните и глобалните конфликти и на биолошкиот натпревар веќе почнува да се чувствува. Тоа е реата на претстојната битка над битките.

Марио Стефанов, „Геополитика њуз“