Голема е веројатноста дека во изминатите неколку месеци скроени се три нон пејпери во кои се изразува интерес за радикални промени на Балканот, а особено во БиХ, Косово и во Македонија, за што се сомневаат дел од медиумите од регионот.

Првиот нон-пејпер, наводно е дело на Хрватска, со цел за продолжување на долготрајната дипломатска офанзива за промени во изборното законодавство на БиХ, што предизвика реакција на членот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, за и тој да испрати нон пејпер во Брисел.

По ова, не требаше долго за на виделина да излезе уште еден нон пејпер, зад кој се претпоставува дека делумно стои словенечкиот премиер Јанез Јанша. А се јавија и сомнежи за постоењето на трет нон пејпер кој медиумите го поврзуваат со Будимпешта, како што објави босанскиот портал „Кликс“. Останува да се види каква ќе биде реакцијата за идејата за промена на границите на Балканот, која се очекува да згасне со отстуството на поддршка, како и претходните  слични предлози.