Фото: Игор Бансколиев

Ако пратениците во македонското собрание ги изгласаат уставните измени, нивното имплементирање, како што нагласи нашиот премиер Заев, ќе биде условено од изгласувањето на спогодбата од Мала Преспа во грчкиот парламент. Доколку грчкиот парламент не ја ратификува спогодбата, македонското собрание тоа само ќе го констатира и нема да се спроведат изгласаните уставни измени, велат правните експерти. Во истиот контекст, францускиот амбасадор во множина изјавува дека „ние не сакаме да размислуваме за таа теза, затоа што храбри чекори беа направени од страна на премиерите на двете земји и се надеваме дека и двете собранија ќе успеат да го доловат историскиот момент“

Политичката ситуација во која се најде Република Македонија на патот за стипулирање на договорот со Грција во државниот устав, во моментов претставува своевиден полигон за тестирање голем број политички хипотези, но и вадење аргументи на силни правни тези. Со оглед на фактот дека именувањето на една држава и народ првпат во историјата е предмет на меѓудржавен договор, се чини дека правната процедура за спроведување на спогодбата од Мала Преспа претставува прототипско воведување на нова практика во современата дипломатија. Всушност, како што одминуваат фазите во Собранието на усвојување на уставните измени за менување на уставното име на државата, вниманието и на македонската, грчката, но и на меѓународната јавност се насочува кон грчкиот парламент и реалните шанси спогодбата да биде ратификувана од мнозинството на грчките парламентарци. Зашто според членот 20, став 4 од конечната спогодба е наведено дека „доколку оваа спогодба не влезе во сила, оваа спогодба, во целост и секоја нејзина одредба поединечно, нема да имаат никакво дејство или примена, ниту привремена, ниту каква било друга и истата таа нема на кој било начин да ја обврзува која било од страните“.

Сепак и покрај зачестените изјави на македонскиот премиер Заев дека доколку спогодбата од Мала Преспа не биде ратификувана во грчкиот парламент, а македонското собрание веќе ги има изгласано уставните измени, дека тие едноставно нема да стапат во сила, останува сомневањето дали навистина толку лесно може да се врати старата уставна состојба во Македонија. Иако во спогодбата е запишано дека доколку таа не стапи во сила не обврзува која било од страните, во неа не е наведено на кој правен начин ќе се спроведува (и дали е можно) враќањето на почетните претспогодбени позиции. Правните експерти секогаш истакнуваат дека каква било (законска) одлука, решение, пропис…, се менуваа со нов идентичен акт, на начинот на кој се донесени првичната одлука, решение, пропис. Дали тоа значи дека доколку македонското собрание ги изгласа уставните измени со двотретинско мнозинство, а спогодбата не помине во грчкиот парламент, во Македонија треба да се минува повторно низ нова собраниска процедура за враќање на старата уставна состојба?

– Ако во грчкиот парламент не биде ратификувана спогодбата од Мала Преспа, не е крај на светот. Преговорите ќе продолжат, но на правен начин, преку Генералното собрание на Обединетите нации. Што се однесува до уставните измени, ако пратениците во македонското собрание ги изгласаат, тие ќе бидат условени од гласањето во грчкиот парламент. Доколку грчкиот парламент не ја ратификува спогодбата, македонското собрание само ќе констатира дека нема да се спроведат изгласаните уставни измени, без повторно минување на собраниската процедура на гласање. Тогаш само останува прашањето кој ќе ја преземе политичката одговорност за целата оваа уставна авантура – вели професорот по политички науки, Јове Кекеновски.

Теоретски и законски, процедурата за враќање на старото уставно име на Република Македонија (во случај на нератификација во грчкиот парламент) е едноставна. Владата, во согласност со Уставот, во соодветни рокови ќе поднесе предлог за промена на највисокиот правен акт и ќе побара враќање на сегашното уставно име. Но доколку треба да се спроведе повторно целата собраниска процедура со гласање за враќање на старата уставна состојба, тогаш Македонија е под закана за нова внатрешна и надворешна политичка компликација, со потенцијал за криза.

Според амбасадорот на Р Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, не постои резервен план за Преспанскиот договор, освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија.

– Мислам дека не треба да се ставаме во таква хипотеза, затоа што, според мене, не постои резервен план освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија, но која ништо не ја чинеше грчката страна, која, пак, си ги има сопствените внатрешни проблеми. Тоа би бил особено голем проблем за Македонија. Животот продолжува, но може да продолжи на подобар начин со маршрута што е веќе обележана, за која ќе биде потребно време. Другата алтернатива е да се остане парализиран на патот кон ЕУ. Тоа е најголемиот ризик. Но ние не сакаме да размислуваме за таа теза, затоа што храбри чекори беа направени од страна на премиерите на двете земји и се надеваме дека и двете собранија ќе успеат да го доловат историскиот момент – размислува Кристијан Тимоние на прашањето што ќе се случува доколку спогодбата од Мала Преспа не помине во грчкиот парламент.

Фото: Маја Јаневска-Илиева