Веднаш по претседателските избори во САД, европските и американските елити тргнаа во голем зафат за промена на американската политика кон Европа и ЕУ, како и за обнова на стратегиското трансатлантско сојузништво и партнерство

Анализа за новите стратегиски насоки на односите меѓу САД и ЕУ

Со месеци пред спроведувањето на американските избори, влијателни аналитички организации од двете страни на Атлантикот, во улога на гласноговорници на финансискиот и политички мејнстрим и реалните креатори на западните политики (преку настапи на поранешни и актуелни политички челници и релевантни геополитички студии), отворено најавуваа неизбежни промени во американската надворешна политика, особено во односот кон европските сојузници и потребата од зацврстување на евроатлантското партнерство.

Обнова на моќта на трансатлантскиот сојуз

Според сите индикации што допираат до јавноста, центрите на финансиска и економска моќ на САД и на Европа (предводена од Германија) силно се залагаат за промени во меѓусебните односи и обнова на моќта на трансатлантскиот сојуз. Во секој случај, сосема е извесно дека американската политика и светот во целина нема да останат какви што беа досега и дека следува битка за трансформација на надворешната политика на САД, јакнење на односите со ЕУ, ревитализација на трансатлантската заедница и обнова на глобалниот финансиски и безбедносен поредок под водство на Америка.
За овие промени постои согласност од двете политички страни на Атлантикот, вклучувајќи и кај поголемиот дел од републиканскиот корпус и повеќето од опозициските сили во членките на Унијата. По победата на демократот Бајден, новата администрација, поддржана од Претставничкиот дом на Конгресот, експресно ќе пристапи кон спроведување на новата политичка агенда во дело. Општ е ставот дека никакви сензационални промени нема да се случат за толку кратко време. Никој не се занесува со илузијата дека сето тоа ќе се постигне лесно, па, така, германскиот Институт за меѓународни и безбедносни работи (СВП) проценува дека, и покрај победата на Бајден, САД и понатаму ќе останат „тежок“ сојузник.
Причините за ваквиот заклучок, помеѓу другото, лежат и во „огромните политички разлики и масовната политичка поларизација во рамките на САД.“ Сепак, процена на институтот е дека, имајќи го предвид сегашниот однос на глобални геополитички сили, за европската и американската политика нема друг избор освен јакнење на старото сојузништво.
Практично, не постојат некои посериозни меѓусебни несогласувања за неопходноста за обновување на моќта на сите аспекти на евроатлантските интеграции – политички, економски и воени. Тие може да се детектираат само во однос на начинот на реализација на новите политики и усогласувањето на различните, честопати и спротивставени интереси на американската и европската страна. Така, германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас повикува на „нов почеток за трансатлантското партнерство“, при што јасно нагласува дека тоа партнерство никако не значи и „слепа лојалност“ на едната страна кон другата. Според него, потребно е да се препознаат различните ставови на Европа и на САД, да се ускладат заедничките интереси колку што е можно повеќе и подобро, како и повторно да се издигнат големината и моќта на трансатлантското партнерство.
Целта што постојано ја потенцираат американските и европските аналитички центри, кои речиси координирано објавуваат нови и нови студии, не е ништо друго освен „надминување на жестоките контроверзии во односите меѓу САД и Европа, настанати во изминативе четири години под водство на Трамп, и повторно создавање силно заедништво.“

Студија за идната заедничка трансатлантска политика

Уште во декември 2019 година, следејќи ја потребата од дефинирање на новата американско-европска политика, американскиот аналитички центар ГМФ (German Marshall Fund) и германската фондација БКХС, со седиште во Хамбург, основаа заедничка трансатлантска работна група, која деновиве, по речиси едногодишна работа, ја презентира својата студија за идната трансатлантска политика, од која јасно се гледа дека не постои друга алтернатива освен сеопфатна обнова на американско-европското сојузништво и партнерство.
Заедничката работна група е предводена од д-р Карен Донфрид, претседателка на ГМФ за Германија, и претседателот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер. Во неа се вклучени и неколку члена на американскиот Конгрес, двајца поранешни комесари на ЕУ, како и претставници на моќни корпорации и аналитички центри од САД и од ЕУ. Работната група досега презентираше неколку конкретни предлози за заеднички евроатлантски активности што треба да се реализираат по одржувањето на американските претседателски избори.
Во студијата се инсистира на координирани напори во насока на економско закрепнување по пандемијата на ковид-19. Посебен акцент е ставен на потребата од американско воено присуство на територијата на Европа и зголемувањето на буџетските трошоци за одбрана во европските членки на НАТО. За зајакнување на одбранбената моќ на европските компоненти на евроатлантските интеграции, деновиве германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер повика на сериозна модернизација во вооружувањето на Бундесверот, обнова на моќта на западните воени сили и континуитет во одржувањето на нуклеарниот потенцијал, со вклучување на сите членки на западниот сојуз.

Од двете страни постои цврста согласност за неопходноста од јакнење на воената компонента на трансатлантскиот сојуз. Тука треба да се спомене дека Зигмар Габриел од германскиот „Атлантски мост“ и Џон Б. Емерсон од вашингтонскиот „Атлантски совет“, во заедничката статија, објавена во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ кон крајот на октомври, декларативно се заложија за зајакнување на НАТО како заеднички воен сојуз на Европа и САД.
Во таа насока, германскиот Институт за меѓународни и безбедносни работи минатата година формира сопствена експертска група, која вклучува стручњаци од различни германски аналитички центри и фондации, академици, парламентарци од политички партии, челници на стопански заедници, како и претставници од Министерството за надворешни работи. Работата на групата е финансирана од Министерството, а досегашните нејзини студии укажуваат на неодржливост на моменталните релации во рамките на трансатлантската заедница и на итна потреба од обнова на стратегиското сојузништво. Исто така, експертите од СВП предупредуваат дека, и покрај победата на Бајден, кој експлицитно ја нагласува потребата од поцврсти односи со европските сојузници, трансатлантските спорови сѐ уште може да се манифестираат во редица различни области на соработка. Се проценува дека економската политика на администрацијата на Бајден нема да биде ослободена од „националистички и протекционистички тенденции кон ексклузивна поддршка или протежирање на американските индустриски интереси.“

Истовремено, од СВП наведуваат дека може да очекуваме продолжение на различниот пристап кон Кина од страна на САД и Европа.
Единственото подрачје каде што ставовите на ЕУ и администрацијата на Бајден би можеле брзо и „мазно“ да се усогласат ќе биде она во врска со климатските политики, но СВП и тука предупредува дека „американската влада ќе им даде приоритет на сопствените идеи и решенија за последиците од климатските промени и заштитата на светската клима, па сходно на тоа, со сигурност нема автоматски да се усогласи со приоритетите во климатската политика на ЕУ.“ Сепак, генералниот заклучок на СВП е ист како и оние на другите влијателни аналитички центри: американско-европското партнерство мора повторно да се зајакне, зашто не постои ниту еден друг начин за зачувување на американските и европските стратегиски интереси.

Марио Стефанов

(продолжува)