До крајот на неделава ќе може да финишираме со законското решение за државјанствата врз основа на анализата што ќе ја направат експертите, истакна премиерот Зоран Заев по средбата во Собранието со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, нагласувајќи дека имале успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите.

– Разговаравме за сите отворени прашања кои беа во предлог-законското решение од Алијанса за Албанците и Алтернатива, и изнајдени се механизмите за изнаоѓање решение. Не би зборувал за деталите, сега експертите треба да ги стават на хартија и да ги анализираат, за да го процесиураме и законското решение – изјави Заев.

Лидерите на Алијанса за Албаците и на Алтернатива оценија дека за неколку денови е можен и заеднички текст на законот, повикувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ги повлечат амандманите на овој закон. Тие понудија и Алијанса и Алтернатива да ги повлечат амандманите на пакетот економски закони.

– На добар пат сме да решиме проблем што тангира определен број на луѓе кои три децении живеат без документи во оваа држава. Мислам дека со изнаоѓање на решение ќе направиме добар потег за државата – рече Села.

Лидерот на Алтернатива, Гаши изјави дека средбата со премиерот била конструктивна.

– Сакаме законот да биде европски и во функција на решавање на проблемите на оваа категорија на граѓани – апатриди. Добро е што власта прифати подадена рака од албанската опозиција. Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка за законот – резимира Гаши.