Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на која треба да се одлучува кој ќе биде државен ревизор, е одложена за 14 часот, на барање на дел од пратениците, според претседателот на Комисијата, Илија Димовски.

Името на новиот државен ревизор уште не се соопштува, и покрај постигнатиот договор што го потврдуваат собраниски извори, објавија повеќе медиуми.

Државниот завод за ревизија е без главен ревизор безмалку две години, додека мандатот на заменикот заврши на 5 октомври.

Според неофицијални информации, засега нема договор за другите кадровски прашања кои треба да поминат во Комисијата, пред да бидат ставени на дневен ред на собраниска седница.

Станува збор за директорското место во Дирекција за заштита на лични податоци, испразнетите позиции во комисиите за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за антидискриминација, АВМУ и други.