Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со неговиот грчки колега Никос Дендиас, кој престојува во официјална посета на Македонија.

На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка, со посебен осврт на политичките односи и економските активности, како и за европската перспектива на Македонија и регионот. Исто така, беа разгледани и можностите за зајакнување на секторската соработка, економската размена и инвестиции.

– Посетата на Дендиас доаѓа во вистинско време и е сигнал на новата ера во нашите односи и импулс за ослободениот потенцијал за збогатена билатерална соработка. Ние сме природни сојузници кои ќе негуваат и стратешко партнерство, како во НАТО, така и во ЕУ – изјави Димитров.

Од грчка страна беше реафирмирана континуираната поддршка за европската перспектива на Македонија и регионот, при што Грција ќе продолжи да биде силен поддржувач и промотор за отпочнување на пристапни преговори за членство во ЕУ со Македонија.

На разговорите биле разгледани модалитетите и можностите за унапредување на политичкиот дијалог, како и ангажманот на двете држави во имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор. Била нагласена потребата од почитување на духот и словото на Договорот, и притоа беше истакнато дека суштинската и навремена имплементација на преземените обврски е од клучно значење и за развојот на севкупните односи помеѓу двете земји.