Португалскиот предлог и „акомодирањето на црвените линии“ на македонскиот идентитет

Проф. д-р Митко Б. Панов подготви стручна анализа во четири продолженија, која ексклузивно ја објавуваме на страниците на нашиот весник. Во анализата, насловена „Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето“, се даваат научно објаснување и анализа на сите аспекти што се однесуваат на македонскиот национален идентитет, историја, јазик, култура… и обидите за нивна негација, оспорување и бришење

Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето (2)

Соочувањето на македонскиот народ со сопственото идентитетско обезличување дојде по обелоденувањето на дел од португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија (Канал 5, 30.6.2021), што како предмет на рeшавање ги вклучува „името, јазикот и имплементацијата на билатералниот договор“. Делот од португалскиот предлог достапен на јавноста, евидентно беше објавен за да ја минимизира штетата на внатрешен план, причинета од изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, која изразувајќи разбирање за бугарската позиција во идентитетскиот спор и интерпретирајќи го португалскиот предлог, го нарече македонскиот јазик – „северномакедонски јазик, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик“ (БНР, 28.6.2021). Меѓутоа, самото обелоденување на документот целосно ја демаскира позицијата на државното раководство, бидејќи неговото прифаќање подразбира согласност за две клучни прашања поврзани со идентитетот:
– согласност официјално да се декларира дека поимот Македонија содржан во новото име на државата „Северна Македонија“ нема никаква поврзаност со географското име Македонија;
– подготвеност да се прифати бугарското декларирање (иако унилатерално) на македонскиот јазик како непостоен до 1944 г.
Во поглед на името се предлага „двете страни и Советот на ЕУ да признаат дека долгото и краткото име на МКД (Северна Македонија) не може да се интерпретира како географска референца за кој било регион и не имплицира територијални претензии“. Ваквото дополнително објаснување за новото име на државата, што било прифатено, има далекосежни импликации за македонскиот идентитет. Појаснувањето го претвора името во исклучива политичка категорија, без географско-историската компонента произлезена од името Македонија. На овој начин, Софија ги допрецизира Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство во контекст на „Северна Македонија“, лишувајќи ја од историските и културните традиции поврзани со територијата на Македонија. Затоа, Бугарија бара ваквото појаснување на името да се издигне на ниво на ООН, што се елаборира како прва точка во позицијата на бугарското министерство за надворешни работи.

Како решение за јазикот, во португалскиот предлог се предлага „БГ да декларира дека смета дека ‘македонскиот јазик’ не постоел пред 1944 г. и дека овој термин во кои било идни документи на ЕУ ќе биде сметан во согласност со Уставот на МКД“. Од друга страна, се предвидува „МКД да декларира дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на земјата и бил кодифициран во 1945 година“. На овој начин се дообјаснува и Преспанскиот договор, кој ја содржи „изјавата на Втората страна“ за официјалниот јазик.
Ваквото решение треба да продуцира официјални декларации со кои историски ќе се дефинира македонскиот јазик, од аспект на хронолошкото утврдување на неговото непостоење (за Бугарија), односно постоењето со кодификацијата од 1945 г. и со Уставот од 2019 г. (за „Северна Македонија“). Во согласност со документот, претседателството откако ќе ги забележи ваквите декларации, би подготвило посебна декларација од Советот на ЕУ, која ќе биде ставена како анекс пред првата меѓувладина конференција. Спојувањето на двете декларации во содржинска смисла во посебна на Советот на ЕУ би било интерпретирано во смисла дека македонски јазик не постоел пред 1944 г., дека „Северна Македонија“ смета дека настанал со кодификацијата во 1945 г., но дека како „термин“ треба да се забележи во документите на ЕУ „како што е наведен во Уставот“ на „Северна Македонија“ од 2019 г. Со соодветната назнака, македонскиот јазик ќе може да фигурира во сите документи на ЕУ, но како „термин“ за кој постои потреба од појаснување на неговото значење, а што во историска смисла би било дека бил непостоен до 1944 г. (исто како и македонскиот народ) и е дефиниран со Уставот од 2019 г. Тоа историски ќе се верификува со договорите во меѓудржавната историска комисија (што веќе го опфаќаат средновековието), со што целосно ќе се ревидира историјата на македонскиот народ, а со тоа и македонскиот идентитет и јазичната посебност.
Двете политички декларации за името и за јазикот ја откинуваат географската и историската врска на македонскиот народ со територијата на Македонија, што го прави историски непостоен, како и јазикот. Притоа, забележаните „позитивни елементи за МКД“ дека „нема да бидат поминати нејзините црвени линии“ се само привид, бидејќи португалското претседателство наведува дека предлогот во суштина ги „акомодира црвените линии на двете страни, како и на земјите-членки“. Акомодирањето на црвените линии, на што се согласило државното раководство, подразбира појаснување на терминот Македонија во „ознаката на државата“, со што целосно се исклучува историската и географска врска со Македонија. Истото тоа се однесува и на македонскиот јазик, чиешто значење мора да се појаснува, што го сведува на технички „термин“ (term) за ЕУ, a не на идентитетско обележје.

Португалскиот предлог директно задира во историската генеза на името на државата и посебноста на македонскиот јазик, што го дефинира македонскиот идентитет. Оттаму, зачудува како истиот тој бил прифатлив за државното раководство. Јазикот нема да се нарекува „северномакедонски“, но ќе ги рефлектира бугарските позиции, со што историски ќе биде делегитимиран како непостоен до 1944 г., односно измислен во 1945 г., исто како и македонскиот народ и македонската нација во Титова Југославија (што е официјална позиција и на Грција). Затоа и во португалскиот предлог, назнаката за името на државата и македонскиот јазик се предмет на појаснувачки декларации, што има за цел да ја исклучи историската посебност до 1944 г. и да ја забележи „вештачки креираната“ од 1945 г., што не подразбира и посебноста на јазикот „наведен во Уставот“. Оттаму, политичките изјави дека „македонскиот јазик е сличен, но различен со бугарскиот“ се крајно несоодветни и исклучително штетни. Мора недвосмислено да се констатира посебноста на македонскиот јазик заснована на историските и културните традиции, а кои се целосно оспорени и негирани со португалскиот предлог.
Индикативно е што во преземените обврски од страна на премиерот Заев на средбите во Софија од 17 јуни, преточени во 5-те точки на бугарското министерство за надворешни работи, отсуствува делот со македонскиот јазик, но затоа сите точки имаат историска димензија. Тоа значи дека политичките декларации во рамките на Советот на ЕУ за непостоењето на македонскиот јазик, Бугарија дополнително ќе ги легитимира во историска смисла преку реализирањето на петте точки, кои целосно ја следат декларацијата на бугарскиот парламент.

Патоказот на што се обврзува Република Македонија со португалскиот предлог (подготвен на 18 страници) останува тајна, но истиот тој би требало единствено да ги дефинира роковите за конечното „решавањe“ на македонскиот народ од аспект на историското дефинирање како непостоен пред 1945 г., исто како и македонскиот јазик. Само што истото тоа треба да се спакува во празната флоскула за „светоста“ на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, што треба да звучи уверувачки дека истите тие не се предмет на преговори. Португалскиот предлог меѓутоа недвосмислено покажува дека веќе е дадена согласност за промена на историското дефинирање на името на државата и на македонскиот јазик (а со тоа и на македонскиот народ), што го определува македонскиот идентитет. Истото тоа се однесува и на прифаќањето на позицијата на бугарското министерство, што го доведува македонскиот идентитет во состојба на аморфност.

(продолжува)

Утре: Аморфност: Соочувањето на македонскиот народ со „погрешното“ постоење?!