Фото: Игор Бансколиев

„Нова Македонија“, по повод големиот јубилеј годинава, во континуитет објавуваше серија написи за неговото значење и улога, особено затоа што името на Конески е нераздвојно поврзано со првиот македонски дневен весник, во кој Конески беше и првиот лектор и во кој беше извршено и нормирањето на македонскиот јазик. Конески со многу нешта го задолжи нашето постоење како држава и народ. Тој беше сето она што му е потребно на еден народ да опстои

ЕДЕН ВЕК ОД РАЃАЊЕТО НА ВЕЛИКАНОТ БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Деветнаесетти декември е датумот на роденденот на еден од великаните на македонската култура и јазик, Блаже Конески, а годинава тој датум има посебно значење затоа што се наврши точно еден век од неговото раѓање. Весникот „Нова Македонија“, по тој повод годинава, во континуитет објавуваше серија написи за неговото значење и улога, особено затоа што името на Конески е нераздвојно поврзано со најстариот македонски весник. Имено, првиот број на „Нова Македонија“ има историско значење како прв официјален документ во кој Блаже Конески го извршил нормирањето на јазикот. Но кога станува збор за македонскиот литературен јазик и за азбуката, весникот има уште поголема историска улога, бидејќи на неговите страници е објавена и првата македонска официјална азбука. Оттука, за нас, секој збор на Блаже Конески истовремено е и порака и аманет, наша должност и наша обврска.
Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2021 година за Меѓународна година на мирот и довербата за да ги мобилизира напорите на меѓународната заедница да се обезбедат траен мир, солидарност и хармонија. Министерството за култура и Министерството за образование и наука се приклучија кон иницијативата со програма посветена на Конески. Во меѓународната програма се вклучи и Министерството за надворешни работи, а покровител на програмата во Македонија е претседателот Стево Пендаровски. Се организираа голем број настани, како на пример, во март во седиштето на УНЕСКО во Париз високи дипломати читаа негова поезија, во април беше пуштена во оптек поштенска марка со неговиот лик, во јули беа промовирани аудиовизуелни записи од неговата поезија. Во Кинотеката во септември имаше проекции на документарни филмови во негова чест, а беше претставен мурал на површина од 20 квадратни метри, дело на уметникот Дејвид Стоилковски-Молерај од Куманово, автор на голем број мурали и графити.

Во Македонската академија на науките и уметностите се одржа свечен собир, а во Филхармонијата синоќа се одржа и завршната манифестација, со која беше заокружено чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Оркестарот изведе концерт инспириран од творештвото на Конески, а меѓу делата што беа изведени се „Молитва“ од Тодор Скаловски и „Записи“ од Томислав Зографски. Во фоајето на Филхармонијата ќе биде поставена изложбата на илустрации, пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески поезија и кратка проза“, во издание на „Струшките вечери на поезијата“.
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ имаше свој јубилеј на истиот датум.
– Денес, на овој светол ден, одбележуваме точно 100 години од раѓањето на нашиот патрон Блаже Конески и 75 години од основањето на Факултетот! Вечна слава и почит за великанот Конески, кој ни остави во наследство непроценливо културно богатство! Да ги чуваме и негуваме неговите дела и аманетот што ни го остави! Нека ни е честит и вековит јубилејот! – порачаа од Филолошкиот факултет.
Издавачката куќа „Арс ламина“, пак, организира промоција на реиздадените дела на Конески.
– Секој си има свој Конески. Секој што ги чита неговите книги си има свои омилени дела. Секоја генерација си има свој Конески… – беше истакнато на свечениот настан „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“, што се одржа во фоајето на Националната опера и балет.
Издавачкиот центар „Три“, исто така, го одбележи јубилејот.

– Денес во сечие срце се парат два конца. Едниот го буди, другиот го слави споменот за еден од столбовите на македонскиот јазик и опстојба. Денес секоја мисла, секој кажан збор и секоја прочитана реченица, посветете му ги нему! Човек како Блаже Конески има само датум на раѓање. Минаа сто години оттогаш, а споменот за него само црвенее. Не крвави, ами заживува! – порачаа од „Три“.
И градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја одбележи стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески.
– Еден век нѐ дели од неговото појавување на македонското поетско соѕвездие. Во временски рамки тоа можеби е малку, но мерејќи со македонскиот хронометар на постоењето тоа е вечност што нѐ одржува и турка нанапред низ сите магли и ветрометини. Конески со многу нешта го задолжи нашето постоење. За тоа е многу пишувано и ние само ќе го потврдиме тоа. Тој беше сето она што му е потребно на еден народ да опстои: татко на јазикот, исклучителен зналец, доблесен професор и еден од најраскошните и најдобри македонски поети. Веќе кажавме и затоа не сакаме да се повторуваме за неговата големина, за неа не треба многу да се зборува бидејќи таа е сама по себе и темелник и обелиск и не сакаме ни да помислиме поинаку – велат од градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која објави и едно лирско мементо за великанот, големиот витез на македонската поезија.

На вчерашниот собир во МАНУ, пак, во првиот дел се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, секретарката на ОЛЛН – МАНУ и раководителка на проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески“, Катица Ќулавкова. Со омаж за Конески се претставија Зузана Тополињска и Влада Урошевиќ. Во вториот дел беа претставени уметничкото и научното дело на Блаже Конески, во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ. Се работи за 12 тома со целокупните дела на Блаже Конески, а соодветните томови ги претставија професорите: Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска. На свечениот собир беше промовирана и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“ што ја подготви Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ. В.Д.


Свети Никола (Блаже Конески)

Свети Никола златен
пак сѐ си принесе што треба.
Го пречекавме и со посна сарма,
и со грав и со риби на кромид.
Не е како некогаш
кога спроти празникот ќе
изнадојдеа
сега покојните
и ќе седнеа околу трпезата.
Се почнуваше со леблебии,
расол и сторени пиперки,
мезе за домашната ракија.
По вечерата идат комињакот
и скажувањата.
Потоа гостите легнуваа
кој каде се нашол.
Ордан, тетин ти, Бог да го прости,
нели беше пцалт,
ќе запееше во сонот:
„Господи помилуј!“
И потоа тивнуваше ноќта.
Тоа што минало – минало.
Ама сепак, сполај му,
еве нѐ живи со Господ напред
и се плоди нашето племе.