Пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и воспоставувањето на демократски принципи и норми на однесување на Балканот е во интерес не само на обединета Европа, туку пред се во интерес на сите граѓани во нашиот регион, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на лидерскиот панел посветен на проширувањето на Европската унија, што се одржува во рамките на Бледскиот стратешки форум во Република Словенија.

Радев истакна дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан ќе продолжи да биде приоритет за бугарската надворешна политика, особено со акцент на европската перспектива на Република Македонија.

– За жал, во последниве години нашите односи со Република Северна Македонија се во застој, и поради неможноста да се објасни нашата позиција, Бугарија дури и падна во изолација од своите европски партнери и поради оваа причина очекувањата за компромис од страна на Бугарија тие постојано растат. Поради оваа причина, и преодната влада и претседателската институција прават систематски напори да го вратат дијалогот со политичкото раководство на Република Северна Македонија на највисоко ниво, како и да ја бранат позицијата на нашата земја пред европските партнери – рече Радев.

Тој додаде дека Бугарија е најзаинтересирана Македонија, а со тоа и Албанија, што е можно поскоро, да тргне по нивниот европски пат. Затоа, Бугарија очекува активен билатерален дијалог со својот југозападен сосед за да постигне правно обврзувачки гаранции што ќе доведат до одржливи и неповратни решенија за развој на билатералните односи, особено по резолуцијата усвоена во јули во македонското Собрание, за пријателство и добрососедство.