Фото: Игор Бансколиев

Британски „Економист“ пишува за феноменот на подемот на популизмот во светот во време кога луѓето се генерално среќни, при што ја наметнува и дилемата зошто во такви околности се гласа за партии со агресивна, гневна политика. Популизмот и неговите различни форми се предмет на опсервација и на домашната јавност и во контекст на последните случувања во државата.

Најпросто кажано, велат аналитичарите, популизмот е своевиден политички маркетинг кој е најизразен кога има ниска политичка еманципација, па тогаш е полесно да се манипулира народот.

Секогаш кога политичката еманципација е ниска, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски, популизмот станува доминантна политичка доктрина. Така, во поголем дел од светот тој стана најзастапен начин на политички маркетинг.

– Политичката наука сè уште нема соодветен одговор на популизмот, кој е заводлив, лесен, брзо носи резултати и претставува клиентелистички начин за корупција на електоратот преку брзо задоволување на најбазичните инстинкти. Тој по дефиниција е конфронтативен начин на водење политика кој го конфронтира плебсот со замислен непријател како фиктивна политичка елита. Така, тој станува лесен начин за манипулација со електоратот. Сè додека немаме повисоко ниво на политичка еманципација, популизамот, авторитарноста, негативната политичка комуникација како и клиентелизацијата на политиката ќе доминираат – смета Арсовски.

Од друга страна, според политикологот Синиша Пекевски, последниот случај со приведувањето на т.н. рекетари, кои ги рекетирале бизнисмените, ги прикажува политичарите дека тие работат за владеењето на правото, а всушност жртвуваат единки за кои знаеле дека прават криминални работи во минатото.

– Прва и единствена цел на политичарите е да дојдат на власт, притоа не избирајќи начин и средства како да стигнат на власт. Со тоа прават и мерки и ветувања кои служат само за да им покажат на граѓаните дека се грижат за нив. Во отсуство на реални мерки и придвижувања на работите кон подобро, често прибегнуваат кон потфати кои служат да го оттргнат вниманието на реалните работи, а да се покаже како се тие принципиелни. Случајот со приведувањето на т.н. рекетари, кои ги рекетирале бизнисмените, покажува дека како тие да работат за владеењето на правото, а всушност жртвуваат единки за кои знаеле дека прават криминални работи во минатото.

Дополнително, повратот на ДДВ е само популистичка мерка која реално нема да донесе никакви бенефиции за граѓаните, ама покажува наводна грижа и сето тоа бидејќи реално немаме никакви економски резултати. Целта на политичарите е само и единствено да се дограбат и останат на власт – вели Синиша Пекевски, политиколог и политички аналитичар.

Популизмот може во себе да содржи идеологија која повикува на промена на општеството и/ или реторички стил развиен од членовите на политичките или општествените движења. Популистите секогаш го оправдуваат своето однесување со тврдењето дека само тие го претставуваат народот, а тоа им дозволува таквите нешта да ги прават отворено и без задршка да ги спроведуваат во практика, иако ефектите од таквото нивно дејствување се дискутабилни или занемарливи за граѓаните.

[email protected]