Фото: Игор Бансколиев

Популизмот не е новина на домашната политичка сцена. Како белег беше препознатлив во Македонија од осамостојувањето до денес. Минатата власт беше жестоко критикувана од опозицијата токму за популизам, сега улогите се променети. Кој е никулецот на политиката на популизмот и зошто таа е толку вкоренета и кај нас? Колку таа им е од корист на политичарите, а колку може да им нанесе штета на граѓаните, вклучувајќи ги и принципите на владеењето на правото и функционирањето на институциите на правната држава? Зошто популизмот не го препознаваме како ретрограден процес на демократијата и како нејзин извртен облик? Само така нема да се измамиме и ќе си помогнеме точно да одредиме каде завршува демократијата, а каде почнува нешто друго

Популистите тврдат дека тие, и само тие, го претставуваат народот. Тие го говорат она што сакаат да го чујат граѓаните, сакаат да му се допаднат на „народот“, да раскажат приказна што најголемиот број граѓани ќе ја разберат и да погодат што мисли „обичниот“ свет, а особено што чувствува. Дали е тоа реално и дали воопшто би се остварило, за тоа популистите и не обрнуваат многу внимание.

Дали е тоа во согласност со нивната политичка идеологија или, пред сѐ и над сѐ, во согласност со актуелната легислатива – тоа популистите најчесто го игнорираат.
Таквите тенденции и кај нас предизвикуваат сѐ поголемо разочарување и постојано намалување во вербата за подобро општество и држава.
И појавата десноориентирани партии да преземаат социјални мерки карактеристични за левицата и обратно е сѐ почеста. Со зголемувањето на идеолошката поливалентност, граѓаните денес низ Европа во недостиг од класичните умерени партии од левицата и од десницата сѐ повеќе се приклучуваат кон радикалните опции, без разлика дали станува збор за крајно десничарски партии или слично. Домашната стручна јавност е согласна дека една партија колку и да се отклонува лево или десно од својата програма, сепак, кога е на власт презема популистички мерки за да може што подолго да се одржи на власт. Познавачите коментираат дека ваквиот популизам не е новина на домашната политичка сцена во минатото, а сега се забележува и кај актуелната власт, токму во последната најава за бесплатно лекување за сите граѓани и поголеми плати за докторите во момент кога се одлучува за прашања од национален интерес. Политикологот Димитар Димов вели дека во Европа, но и во Македонија, целната група на сите партии им е иста и дека затоа нема класична левица или десница.
– Мојот став е дека во моментов во Европа се случува пораз на социјалдемократските идеи и автоматски со тоа пораз на идеалите на работникот. Сѐ повеќе сме сведоци дека има победа на политиката на големите корпорации, банките, а со тоа и глобализацијата зема сѐ поголем замав. Таквите интереси остануваат над интересите на обичниот работник – вели Димов. Според него, во борбата за власт честопати се мешаат идеите што ѝ се припишуваат на левицата да ги спроведува десницата и обратно.

– Во однос на Македонија, слободно можам да кажам дека тука речиси и не постои партија што цврсто стои зад своето идеолошко гледиште. Сите партии кај нас немаат јасна идеолошка ориентација и ниедна партија од своето формирање не стои цврсто зад идеологијата и ставовите што произлегуваат од неа – смета тој.
Според Димов, во блиско време тешко дека ќе може да се каже дека ќе дојде до „обединување“ на македонските партии за постигнување национален консензус за клучните прашања, а во контекст на нивните изворни идеологии.
– Во земјава знаеме дека десницата применуваше типично левичарски политики како големи субвенции на пример, а левицата предлага драстично намалување на вработените и скратување на социјалните, работнички права. Во Македонија честа практика е пред избори едно да се ветува, а потоа, за жал, друго да се прави и кај левицата и кај десницата. Според мене, тоа предизвикува постојано намалување на вербата во подобро општество и држава кај македонскиот народ – забележува Димов.
Експертот е согласен дека во последно време сите партии во Македонија личат една на друга и секоја од нив во себе содржи национален контекст, односно се потпира на популистички и националистички мерки.

Слично размислува и професорот Јове Кекеновски. И Кекеновски смета дека разграничувањето меѓу десницата и левицата е една од тие големи идеи на модерната политика што во изминатиов период е сѐ помалку реска. Во тој контекст, властите, и претходните и сегашните, многу личат една на друга. Токму некои белези на популизмот кај нив ги прават дури идентични.
– Тоа е воочливо и при обидите на ветувањата и при нивната крајна реализација. Речиси нема никакви ефективни мерки за реализација. Дали од нивното досегашно владеење и сѐ што беше речено или ветено речиси нешто е направено на домашен план? Оттука апсолутно се согласувам дека сите овие одлуки и помпезни најави, како онаа со бесплатното здравство, се во функција на една страна, а таа е за оттргнување на јавноста од нашиот главен проблем, а тоа е влегувањето во ЕУ и НАТО, и притоа нашето обезличување со промена на името што треба да се случи. Со една реченица, сѐ се прави да се намалат тензиите кај граѓаните спроти референдумот, при што нема да биде чудно ваквата манипулативна политика да продолжи и во иднина – оценува Кекеновски.
Професорот заклучува дека Владата во периодов купува социјален мир, а очекувањата на граѓаните се огромни, бидејќи таа е свесна дека не може лесно да ги реализира политиките како реформите во судството и администрацијата, прашањето за името. Кекеновски подвлекува дека токму ваквите помпезни мерки и нерешавање на круцијалните прашања минатата влада ја чинеа многу, односно губење на власта кај граѓаните на последните избори.
Популизмот е опасност за демократијата – нејзин извитоперен облик, кој ветува дека ќе ги врати највисоките демократски идеали („Нека владее народот!“). Со други зборови, опасноста доаѓа од самиот демократски свет – политичките актери што се извор на таа опасност говорат со јазикот на демократските вредности. Тоа што крајниот резултат е политика што е очигледно антидемократска треба сите да нѐ загрижи – и покажува дека постои потреба за истенчено политичко просудување, кое ќе ни помогне точно да одредиме каде завршува демократијата, а каде почнува опасноста.