Фото: Игор Бансколиев

Тогаш кога ќе се одржи, пописот првпат ќе се спроведува според комбиниран метод, односно ќе се користи апликација во која се веќе внесени податоци од постојните регистри во институциите, кои ќе се споредуваат со податоците што ќе се добиваат на терен преку интервјуа. Матичниот број служи само за опфат на податоците. Тоа е причината што нема да може да се манипулира со вистинитоста на податоците, за тоа дали некој моментално престојува во земјава, кога заминал и колку долго престојувал

Дури и по завршувањето на пробниот попис, кој се спроведе во текот на јуни, останува неизвесноста за одржувањето на оној вистинскиот, предвиден за април, идната 2020 година. Причина за неизвесноста за извршувањето на оваа, пред сѐ, статистичка операција (која се спроведува според стандарди пропишани од економско-социјалниот совет на ОН, усогласени со Евростат) е одолжувањето на собраниската процедура за усвојување на предлог-законот за спроведување попис на населението, домаќинствата и становите. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, апелира законот да се донесе што е можно побрзо, меѓу другото и од техничко-финансиски причини, бидејќи мора да се започне со набавка на опрема, за што е потребно да се распише јавна набавка, а тоа, според неговите зборови, може да потрае и неколку месеци.

– Пожелно е да се донесе што е можно поскоро бидејќи таму ни се дефинира буџетот, а ние треба веќе да одиме со набавка на опрема. Процедурата за набавка на опрема е сепак малку подолготрајна. Набавуваме големо количество за што е потребна јавна набавка и да се испочитуваат сите тие процедури… Тоа е веќе неколкумесечен процес, така што нам ни е важен законот пред сѐ од тој момент. Битно е да бидеме сигурни дека без датум не можеме да спроведеме попис во никој случај – изјави Симовски.

Иако предлог-законот за спроведување попис во Собранието е поднесен со европско знаменце, што значи дека треба да се разгледува по забрзана постапка во Комисијата за европски прашања, сепак седницата еднаш беше одложена и сѐ уште нема информации кога повторно ќе биде закажана. Во меѓувреме, опозицијата не отстапува од своите забелешки на предлог-законот во кој, според сегашната верзија, е предвидено да се попишува и дијаспората, дури и ако во моментот на попишувањето граѓаните не се во државата, а за нив податоци ќе може да достават блиски роднини.

Тие, опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека тоа е спротивно на критериумите на Евростат, ЕУ и Обединетите нации и бараат да се брои само населението што живее во Македонија, по, како што велат, примерот на големите европски земји.

– Првпат пописот ќе се спроведува според комбиниран метод, односно ќе се користи апликација во која се веќе внесени податоци од постојните регистри во институциите, кои ќе се споредуваат со податоците што ќе се добиваат на терен преку интервјуа. Матичниот број служи само за опфат на податоците, а токму поради тоа не може да се манипулира со вистинитоста на податоците, за тоа дали некој моментално престојува во земјава, кога заминал и колку долго престојувал. Веќе внесените податоци во апликацијата се ажурираат со промените што се констатираат во интервјуата на терен – објаснува демографот Дончо Герасимовски.

Во однос на забелешката на опозицијата дека предлог-законот за попис е во спротивност со критериумите на Евростат, ЕУ и на Обединетите нации, Герасимовски вели дека сите земји што спроведуваат попис треба да ги почитуваат препораките на економско-социјалниот совет на ОН за Европа, усогласени со Евростат, кои се донесени уште на 10 јуни 2015 година и се напишани на 192 страници. Со препораките од ОН, донесена е и резолуција, со која се задолжуваат земјите-членки на ОН да спроведат попис во текот на 2020 и 2021 година.

– Податоците што се собираат на пописите, според препораки на ОН, понатаму се користат за вкрстени споредувања, проучувања и нивна примена во понатамошните економски глобални планирања. Се вкрстуваат сите податоци што се наведени како задолжителни белези во препораките на ОН. И во нашиот национален попис не можеме да спроведеме како задолжителна препорака нешто што не е предвидено како споредлив податок. Навистина, секоја земја може да процени што е од нејзин интерес за идното планирање на развојот и да собира податоци за тој сегмент на пописот, но ако тоа не е содржано во препораките на ОН, тогаш тој податок не се употребува во споредбените истражувања, туку е исклучиво за потребите на државата – вели Дончо Герасимовски.

Според препораките на ОН, и етнокултуролошките белези не се задолжителни и не претставуваат споредлива категорија, но сепак (и покрај обидот за нивно апстрахирање на пописот) по политички договор на коалициските партнери во Владата, тие останаа во предлог-законот. Актуелниот предлог-закон за попис содржи 55 члена, додека оној за неуспешниот попис од 2011 година имал 65 члена. И во Србија е подготвен предлог-закон за попис, кој, пак, содржи „само“ 35 члена.

– Лошо е што нема широка јавна расправа за законот за попис. Сепак законот ги одредува само општите насоки за спроведување на пописот, а низ јавна расправа можат да се согледаат предизвиците на методологијата на попишување. На пример, во сегашнава состојба со 44 пописни реони, имаме реон со 144.000 жители, а и реони со пет од шест илјади жители, што секако условува различен пристап во спроведувањето на законот. Затоа законот за попис е неопходно да се донесе најмалку една година, а најдоцна шест месеци пред спроведувањето на пописот. Не залудно, препораките за спроведување попис Обединетите нации ги носат пет години пред спроведување на националните пописи – вели демографот Герасимовски. 

Фото: Дарко Андоновски