Фото: Игор Бансколиев

Ако навистина невакцинирани попишувачи го вршат пописот, тогаш тоа, несомнено, повторно ќе им даде аргументи на оние што најавуваа дека нема да примат во своите домови невакцинирани попишувачи. Со оглед на фактот дека новиот делта-сој на коронавирусот многу полесно се пренесува и шири, тоа значи дека голем број граѓани уште сега се подготвени да не им ги отворат вратите на невакцинираните попишувачи

Во новиот оглас за ангажирање попишувачи нема услов да се биде вакциниран

Без оглед што вакцинирањето на попишувачите беше една од причините да се одложи пописот за септември, се чини дека овој проблем и натаму останува отворен, бидејќи и во новиот оглас за попишувачи не се бара кандидатот да биде вакциниран.
Тоа, несомнено, повторно ќе им даде аргументи на оние што најавуваа дека нема да примат во своите домови невакцинирани попишувачи, а со оглед на фактот дека новиот делта-сој на коронавирусот многу полесно се пренесува и шири, тоа значи дека голем број граѓани нема да им ги отворат вратите на невакцинираните попишувачи.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека не можат да им поставуваат таков услов на кандидатите, бидејќи вакцинацијата во државата не е задолжителна.
– Секако дека би сакале попишувачите да се вакцинирани, бидејќи така е најбезбедно за сите, но кај нас вакцинацијата не е задолжителна и, според тоа, доколку одбереме само кандидати што се вакцинирани или се согласуваат да се вакцинираат, тоа би било класична дискриминација. Инаку, доколку попишувачите се согласат да примат вакцина во наредниот период, ние во најкратко време ќе организираме вакцинација за нив – истакна Симовски.

Конкурсот за идни попишувачи ќе биде отворен до 5 август, а некои од граѓаните веќе сега најавуваат дека не сакаат да ги попишува невакциниран попишувач.
– Па, и вака е ризично, а не, пак, да доаѓа невакциниран попишувач. Сега велат дека на делта-сојот му е доволно една минута за да се пренесе заразата од еден на друг. Кој попишувач ќе стигне за толку кратко време да попише некого? Најдобро е сите да сме вакцинирани, а додека е топло времето, каде што е можно, пописот да се прави на отворено – вели Небојша Даниловски, трговец.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика и добар познавач на пописните состојби Дончо Герасимовски смета дека не е отстранет еден од проблемите што првично доведоа до одложување на пописот.
– Една од дилемите кај граѓаните кога одлучуваат дали ќе примат попишувач дома е дали тој што ќе ги попишува е вакциниран или не. Тоа беше отворено прашање уште пред да се одложи пописот, а еве, сега, повторно останува отворено. Сега моментот што некои од попишувачите нема да бидат вакцинирани ќе го искористат тие што не сакаат да има попис и повторно ќе го условуваат попишувањето со вакцинирани попишувачи – вели Герасимовски.

Тој додава дека и самите граѓани ќе бараат попишувачите да бидат вакцинирани.
– Една од причините е што и граѓаните ќе бараат да бидат вакцинирани попишувачите. Во денешно време, децата на 12-годишна возраст ги вакцинираат, а не, пак, возрасните. Тоа може да биде еден од проблемите во септември – истакнува Герасимовски.
Според него, дополнителен проблем може да биде и тоа што Државниот завод за статистика ги поништи сите претходни одлуки.
– Сега треба повторно одново да се бараат попишувачи, па инструктори, па селектирање, па прием по услови, тестирање, обуки и така ќе помине август. Извесно е дека ќе се праќа еден попишувач на две-три локации, но ќе видиме како ќе излезе сето тоа. Се гледа дека и попишувањето на дијаспората оди тешко. Нема никаде во светот попис на дијаспора што трае пет месеци, но, за жал, кај нас се случува тоа – заклучува Герасимовски.