Ние, како граѓани на оваа земја, која во меѓународната политика е дел од групата мали држави, за жал мораме да разбереме дека во дипломатијата не влегуваме во клубот на моќните и големите сили, за кои некогаш во одредени ситуации и не важат комплетно нормите на меѓународното право, вели реномираниот политиколог и дипломат Виктор Габер

Силата го закопува правото (Jus obruitur vi), правото е темел на власта (Justitia regnorum fundamentum), правичноста е поскапа од секое злато (Justitia omni auro carior), правото е уметност на добрина и еднаквост (Jus est ars boni et aequi) се латински изреки, стари приближно 2.000 години. Многумина веруваат дека токму овие древни мисли треба да се имаат предвид токму во овој момент, кога се одвива еден комплициран процес поврзан со решавањето на спорот за името со Грција и во ситуација во која нашата земја е реално обесправена во контекст на нормите на меѓународното право и апсолутното задолжително право. Нашата земја е ставена помеѓу чеканот и наковалната на меѓународната заедница и меѓународното право.

Поранешниот амбасадор и политиколог Виктор Габер, коментирајќи ја дилемата поврзана со функционирањето на меѓународното право во релациите на меѓународните субјекти, вели дека тоа е механизам што формално на еднакво ниво ги поставува сите држави, но во практиката работите стојат поинаку.

Габер објаснува дека меѓународните односи се специфични и тие не можат да се споредат со внатрешните односи во државите во ниеден случај.
Дипломатот смета дека на внатрешно државно поле релациите во кои се спроведува правото, условно кажано, се вршат преку дејствувањето на државните алатки за сила, а тоа се полицијата, судството, армијата итн.

Според него, од друга страна, на меѓународно ниво пак имаме дијаметрално различна ситуација и овие алатки (кои ги користат државите во спроведување на нивната волја) во дипломатијата, кога се регулираат односите на две суверени држави не постојат.

– Во меѓународното право имаме конкретен проблем во дејствувањето што е различен од внатрешното функционирање на државите. Меѓународното право ја дава рамката, односно линиите, насоките по кои би требало да се реши одредено прашање. Но тоа не го поседува механизмот за присила да се спроведе правото – вели Габер.

Тој објаснува дека сите држави само формално се еднакви на меѓународно поле и во меѓународното право, а во практиката тоа не е така, бидејќи има одредени фактори (економската сила на земјата, социјалната моќ и силина на армијата) што едноставно ја зголемуваат политичката тежина на одредени држави наспроти другите, кои преку овие фактори ја остваруваат својата визија за одредени случувања – вели Габер.

Дипломатот објаснува дека иако меѓународното право не е перфектно, тоа на крајот сепак дава некоја добра основа за да се реши одреден спор, со што, пак, се избегнуваат конфликтите на меѓународно поле.

– Меѓународното право не може да ги реши проблемите на државите во целина, но тоа е добра основа да се надминат проблематични ситуации. Доколку не би постоело меѓународното право, би завладеале целосна конфузија и анархија во меѓународните односи. Во одредени сегменти од меѓународното право на пример, тоа не е воопшто општо, туку, напротив, во детали ги дефинира точните улоги на меѓународните субјекти во одредени ситуации. Ваквиот механизам се вика меѓународна конвенција, која строго третира меѓудржавни прашања за определени тематики, како што се на пример користењето на оружјето, употребата на нуклеарното оружје, заштитата на децата и нивните права и така натаму. Доколку се прекрши некоја конвенција, за државите следува и казна што ја спроведуваат меѓународните судови – вели Габер.

Дипломатот подвлекува дека ние, како граѓани на оваа земја, која во меѓународната политика е дел до групата мали држави, за жал мораме да разбереме дека во дипломатијата не влегуваме во клубот на моќните и големите сили, за кои некогаш во одредени ситуации и не важат комплетно нормите на меѓународното право.

Политикологот Милан Стефаноски се согласува со Габер и вели дека денес, но и во историјата, во сите меѓународни здружувања државите се поделени на важни и на помалку важни.

Тој вели дека економската и воената моќ на земјите ја одредуваат и силата на изјавата на нивните политичари.

– Токму поради овие причини во политиката немаат иста тежина државниците на Британија, САД, Русија, Кина со оние нивни колеги што доаѓаат на пример од балканските земји, Јужна Америка, Африка и така натаму – вели политикологот.
Стефаноски додава дека поради ваквата поставеност на условите, мораме да сфатиме дека меѓународното право важи само за слабите земји, додека, пак, посилните го толкуваат и практикуваат правото онака како што тие сакаат.

Тој вели дека најскладното објаснување на меѓународното право е во сосема друга поговорка, која потекнува од Македонија, а која вели дека каде што има сила нема правдина.