Фото: Игор Бансколиев

И покрај способноста на човечкиот организам да се приспособува, овој пат тоа би можело да оди потешко поради пандемијата и ограничувањата на кои луѓето веќе цела година се изложени заради заштитата на јавното здравје, велат психолозите

Промената од зимско во летно сметање на времето и поместувањето на стрелките на часовникот за еден час понапред секако влијае на луѓето, но психолозите велат дека, иако влијанието не е големо во нормални услови, за времето на пандемијата може да биде капката што ќе ја прелее чашата.
– Мислам дека еден час промена ќе влијае, но многу кратко ќе биде влијанието, за неколку дена. Ќе влеземе брзо во колосек. Ќе продолжиме да функционираме без да размислуваме повеќе дека времето се сменило, поради тоа што е разлика од само еден час. Нормално дека телото ќе почувствува, нашиот биолошки часовник ќе ја почувствува промената, порано ќе легнуваме или подоцна ќе стануваме, зависи во кој правец оди промената. Ама тоа е нешто што ќе трае два-три дена кај тие што се повеќе осетливи, некои, пак, веднаш ќе се навикнат, за еден ден. Ние реагираме на сѐ што се случува околу нас, па ќе реагираме и на промената на времето, но за два-три дена ќе се привикнеме. Здравите организми многу побрзо ќе се навикнат, додека на оние со хронични болести и на оние што се постари ќе им требаат еден-два дена повеќе да се навикнат. Во однос на терапија што ја примаат болните, можеби треба да се консултираат со својот лекар, но и за нив нема да биде некое драстично поместување во времето кога ќе ја земат терапијата. Можат да продолжат да ја земаат во исто време – смета психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
И лекарите додаваат дека, иако краткотрајно, промената од зимско во летно сметање на времето, општо, ќе влијае на човековиот организам.

– Секако дека поместувањето на стрелките на часовникот, сега за еден час понапред, ќе има влијание кај луѓето. Промената ќе влијае на нивниот сон, на нивните секојдневни навики, а поради поместувањето на стрелките на часовникот кај некои ќе се помести и часот на земањето на нивната терапија, но сѐ ќе оди според пропишаното од лекарот и организмот потоа се навикнува и си продолжува. Психолошки, можеби кај некои болни промената ќе влијае првата недела, можеби и две, но потоа ќе се приспособат сите – вели д-р Марина Сотировска од Службата за итна медицинска помош.
Сепак, психолозите истакнуваат дека, и покрај способноста на човечкиот организам да се приспособува, овој пат тоа би можело да оди потешко поради пандемијата и ограничувањата на кои луѓето веќе цела година се изложени заради заштитата на јавното здравје.
– Не е само поради промената на времето, нам веќе ни е доста од сѐ, можеби ќе реагираме поосетливо на ова преминување од зимско на летно сметање на времето, затоа што доста ни се промени, доста ни е неизвесност. Преуморни сме од сето ова што цела година се случува и можеби некој ќе реагира со отпор кон сето ова. Иако тоа само по себе не би требало да предизвика некоја поголема тешкотија во функционирањето, сепак, бидејќи веќе сме уморни од сѐ, „почнуваме да дуваме и на ладното“. Не постои човек што може да издржи една година да му се наруши сѐ и понатаму да биде без некакви последици. Не мора последиците да бидат големи, но ќе се забележи дека во функционирањето нешто се случува со личноста.

Замор веќе доаѓа, се трошат механизмите за справување со стресови, со нови ситуации, за адаптирање, така што она што во други години било незабележливо, можеби оваа година кај некого ќе предизвика замор и ќе рече доста ми е, не сакам, затоа што сме преморени од сѐ што ни се случува. Ете, и полицискиот час пак ќе биде во исто време од 22 до 5 часот, малку ќе се помести и ќе се приспособиме и на тоа, сме се приспособиле на сѐ. Замор на материјалот, го викаат техничарите, кога материјалот се распаѓа и веќе не може да се додржат сите промени – објаснува психологот Мирјана Јовановска Стојановска.