Во повеќедецениската историја на плурализмот, на домашната политичка сцена нема пример некоја помала партија да успеала да наметне свој став во интерес на граѓаните и државата. Тие секогаш биле само приврзоци и беспоговорно слушале што ќе каже големиот брат во коалицијата. Оттаму најновите иницијативи во врска со една изборна единица што потекнуваат од помалите парламентарни партии се чист популизам, само за внатрешно меѓукоалициско пазарење. Токму тоа „аминување“ на секоја одлука ги направи овие политички субјекти таканаречени „партиски приврзоци“ или „пајтон-партии“, кои само за да влезат во „големото друштво“ забораваат на сѐ, тврдат аналитичарите

Новата иницијатива за една изборна единица како повод

Помалите коалициски партнери во власта и опозицијата со години инсистираат на барањето Македонија да биде една изборна единица образложувајќи го ова свое барање со потребата од спроведување на сопствените политики преку поголема застапеност во Собранието, но од друга страна, истите тие партии досега со ништо не покажаа дека освен да бидат приврзоци на поголемите политички партии и беспоговорно да ги гласаат владините политики, реално ништо не прават да се изборат за тоа што се нивни барања, политики по одредени прашања или идеолошка определба.
Имено, нивното политичко функционирање во коалицијата се сведува на изразување одреден став на согласување или несогласување на некој поединец од партијата со актуелните политики на поголемите партии, но кога ќе дојде моментот на одлука за некој закон, беспоговорно се притиска копчето за гласање за поддршка на она што ќе го кажат поголемите партии.
Токму тоа „аминување“ на секоја одлука ги направи овие политички субјекти таканаречени „партиски приврзоци“ или „пајтон-партии“, кои само за да влезат во „големото друштво“ забораваат на програмите, заложбите, определбите, статутите, идеалите, во замена за некое заменичко министерско место, позиција на директор на некоја агенција, инспекторат и слично.
Добар пример за тоа како треба да дејствуваат помалите партии во големите коалиции е Партијата на зелените во Германија, која иако беше мал коалициски партнер на владејачката ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел, успеваше во неколку наврати да наметне носење на свои закони и да се спротивстави на некои политики што беа спротивни на нивните определби, одејќи дотаму да се заканат и со напуштање на владината коалиција.
Кај нас истрајност во ставовите покажаа матурантите, кои без оглед што пред себе во преговорите имаат премиер или министер, сепак доследно се борат за она што сметаат дека за нив е исправно и не отстапуваат од поставените цели.
Од друга страна, кај политичките партии има постојани калкулации, пазарења, интереси, желба за власт, па затоа и последната иницијатива на триесетина пратеници од помалите партии што сакаат да подготват закон со кој Македонија ќе стане една изборна единица на почетокот мириса на неуспех, ако се има предвид дека наспроти нив се двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои, пак, имаат свои пресметки и калкулации и тешко ќе дозволат раситнување на потенцијалните гласови, кои би се слеале на нивно конто.
За Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија, помалите партии своевремено имале одлични идеологии со кои привлекувале одредена група гласачи, но го изгубиле тоа подоцна кога влегле во големите коалиции.

– За жал, многу од тие мали партии имаа одлични идеологии, но ги изгубија со времето. Имавме една зелена партија што коалицираше прво со ВМРО-ДПМНЕ, па со СДСМ, но не гледаме дека таа партија е активна во борбата за нивните цели. Нивниот глас во коалицијата едноставно не се слуша. Штета е што ги изгубија идеологиите и можеби би било одлично да имаме една изборна единица и да можеме да правиме макар и коалиции, ама принципиелни, идеолошки, а вака малите партии се оставени во скутот на големите, кои ги претопуваат во сопствената идеологија – вели Грчева.
Според неа, повремените изјави на некои политичари од помалите партии спротивни на актуелните политики се само заради нивно подобро позиционирање во коалицијата.
– Изјавите во кои некој нема да се согласи со одредена владина политика всушност се само внатрешно пазарење во коалицијата. Тие знаат дека немаат можност некој закон да се изгласа и таквите изјави се за внатрешно пазарење, односно за подобри позиции во коалицијата – појаснува Грчева.
Таа ја оценува како добра иницијативата за една изборна единица, но смета дека треба да се направи поголем притисок и од вонпарламентарните и од парламентарните партии да се промени Изборниот законик.
– Можеби притисок треба да се направи и врз амбасадите. Да не заборавиме, тие кај нас имаат пресудна улога. Можеби треба да се разговара и со ОБСЕ. Оваа иницијатива е добра, но мислам дека е за внатрешни пазарења, тие не мислат сами да истрчаат на терен – категорична е Грчева.
Александар Тортевски од Твоја партија смета дека малите партии цврсто се држат до коалициите со големите партии и ги поддржуваат нивните политики само заради одредени лични бенефиции.

– Тие знаат дека многу е непријатно да се надвор од коалицијата и сега со јавни настапи зборуваат едно, но кога се клучните работи мораат да го слушаат постариот партнер во коалицијата бидејќи ако ги исфрлат надвор не им се оди сами на избори. Вака имаат некој пратеник, имаат директорски места и ги имаат придобивките од коалицијата. Надвор од коалицијата ќе се загубат бидејќи сите тие имаат повеќе функционери отколку членство. Кога би знаеле дека сами на избори би обезбедиле двајца-тројца пратеници, би оделе сами и би терале своја политика – вели Тортевски.
Според него, помалите партии одат до границата до која не би го загрозиле членството во коалицијата, но на крајот повторно ќе мора да ги послушаат големите партии.
– Ваквите иницијативи во врска со една изборна единица што потекнуваат од помалите парламентарни партии е чист популизам, чисто да кажат што им лежи на душа, но немаат вистинска желба да го побараат тоа во парламент. Можеби има елементи и за пазарење внатре во коалицијата, а тоа подоцна ќе се изменаџира со некое дополнително директорско место на државна сметка – заклучува Тортевски.