Фото: Маја Јаневска-Илиева

Токму битноста на прашањето поврзано со реформите треба да биде заедничка цел и на власта и на опозицијата. Без реформи не можеме да се движиме нанапред и на нив постојано инсистираат и меѓународната заедница и самите политички субјекти во земјата. Во таа насока во нашата анализа ги прашавме главните политички сили во земјата и политичките аналитичари што сѐ може да се заврши како реформски приоритет во наредните два месеца до формирањето на техничката влада

Во период на веќе договорен датум за предвремени избори во земјата и во време кога сѐ уште силно се чувствуваат рефлексиите од француското блокирањето на Македонија кон ЕУ, клучната дилема што се врти во домашната јавност е дали и со која динамика државата ќе ги спроведува предвидените и неопходни реформи во повеќе области или, пак, тие можеби ќе бидат одложени или ќе паднат во сенка на изборниот процес. Дотолку повеќе што на потребата од сеопфатни реформи постојано укажува и меѓународната заедница, но тоа се нагласува и како приоритетна задача и меѓу домашните политички чинители од власта и од опозицијата.

Под поимот „реформи“ тука, пред сѐ, се мисли на нерешени отворените прашања за реформа на Изборниот законик, потребата од промена на изборниот модел и воведување една изборна единица со отворени листи, понатаму реформите во делот на правосудството каде што сѐ уште се чека на новиот закон за јавно обвинителство, па најавениот ветинг, односно прочистување на институциите од неадекватни кадри, проблемот со реформите во јавната администрација, најавениот па одложен попис итн. Сите овие се крупни прашања што чекаат да бидат ставени на дневен ред и чие ново одложување не е во ничиј интерес.

Токму битноста на прашањето поврзано со реформите треба да биде заедничка цел и на власта и на опозицијата. Без реформи не можеме да се движиме нанапред и на нив постојано инсистира и меѓународната заедница преку изјавите на големиот број државници и функционери. Тоа е причината поради која во нашата анализа ги прашавме главните политички сили во земјата и политичките аналитичари што сѐ може да се заврши како реформски приоритет во наредните два месеца до формирањето на техничката влада.

Потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири, во контекст на актуелните случувања, вели дека спроведувањето на реформите ќе продолжи и натаму без застој сѐ додека не се распушти парламентот и додека министрите раководат со секторите во кои се извршуваат најбитните реформи.

Закири истакнува дека сепак редоследот што и како ќе се заврши во реформите до изборите ќе се знае најрано до 11 февруари или најдоцна до 23 февруари, односно до 60 или 45 дена пред почеток на изборите.
– Дотогаш динамиката за реформите ќе биде интензивна и активна бидејќи е предвидено да се спроведат сите битни процеси во земјата – вели Зекири.
Од друга страна, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, вели дека токму овој период во кој треба да се спроведат битните државни процеси за него лично е времето во кое власта ќе го искористи како шанса за изборна корупција.

– Во овие два месеца и десет дена по склучувањето на договорот за спроведување на предвремени парламентарни избори, секој зафат на власта во моментов треба да се гледа низ лупата на политичка корупција за изборни цели – вели Стоилковски.
Според Стоилковски, наместо да се решат клучните процеси како пописот, спроведување на реформите на Изборниот законик, примената на изборниот модел, законот за медиуми и слично власта ветува повисоки пензии, кои одлеваат пари од буџетот, дели ваучери во Законот за спорт, го носи законот за клинички центар во кој има сомневања дека може да е простор за спроведување тежок криминал и по посетата на големиот светски производител на канабис Биг Мајк, власта непотребно го носи новиот предлог-закон.
Во меѓувреме, Џабир Дерала од здружението на граѓани „Цивил“ смета дека воопшто не се потребни предвремени парламентарни избори бидејќи тоа ќе претставува извесен ризик за земјата.

– Предвремените парламентарни избори во овој момент за земјата ќе донесат сериозни забавувања дури и стопирање на важни процеси, процеси на реформи без оглед на тоа дали некој во земјата смета дека тие се успешни или не. Сметаме дека треба да ѝ се даде шанса на земјата да оди барем во еден нормален временски период по својот пат за да дојде евентуално до резултати по започнатите процеси и проекти – вели Дерала.
Според Дерала, притисокот од одредени политички структури и центри на моќта да има предвремени избори требаше да биде анулиран, игнориран од страна на институциите, бидејќи ако има избори економијата може да доживее пад, реформите ќе бидат забавени или сопрени.

Тој потсети дека е потребно подготвување нов изборен законик, кој, како што рече, е како швајцарско сирење, во него повеќе се користат дупките за да се спроведуваат одредени активности во изборните процеси, отколку самите законски решенија.
Дека политичарите од власта и од опозицијата понекогаш многу лесно и брзо наоѓаат заеднички јазик за одредени теми, кои ним им одговараат, коментира и аналитичарот Ивор Мицковски нагласувајќи дека партиите лесно наоѓаа мнозинство и за Законот за партии, каде што се наградија со речиси 5 милиони евра на годишно ниво, но не се најде мнозинство за ниедна неопходна реформа.

Владиката Пимен на својот фејсбук-профил по повод актуелните случувања, пак, напиша дека се бараат реформи, а во спротивност се нудат избори и 200 дена нефункционалност на држава, односно 100 дена техничка влада и 100 први дена на влада за да профункционира.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]