Паралелно со активностите на Владата за подготвувањето на амандманите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека има подготвено предлог-закон за амнестија за сите учесници во настаните на 27 април минатата година. Предлог-законот за амнестија е веќе подготвен и денеска треба да биде поднесен во Собранието на РМ по скратена постапка

Рокот од 15 дена за доставување на нацрт-текстот на амандманите за измени на Уставот денеска го брои веќе десеттиот ден. Иако Владата како предлагач сака да ги скрати колку што е можно роковите за имплементација на обврските за промена на Уставот, во согласност со спогодбата од Мала Преспа, сепак и изминатиот викенд работеше на текстот на амандманите, а најавите се дека можеби уште денеска тие ќе бидат доставени до Собранието и пратениците ќе можат да расправаат за нив, прво во комисиите, а потоа на пленарна седница.

Паралелно со активностите на Владата околу подготвувањето на амандманите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека има подготвено предлог-закон за амнестија за сите учесници во настаните на 27 април минатата година. Предлог-законот за амнестија е веќе подготвен и денеска треба да биде поднесен во Собранието на РМ по скратена постапка.

– Текстот ќе го достават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ и сите други ќе имаат можност да го прифатат. Ако намерите на СДСМ се искрени, сега е моментот да го изгласаат и да го тргнат товарот од сите луѓе што беа во случувањата на 27 април – изјави во текот на изминатиот викенд, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Од СДСМ, ваквиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ експресно го оценија како брутален упад во правосудството.

– Како одговорна и државотворна партија се водиме да го почитуваме принципот на правна држава и во таа насока може да зборуваме за подавање рака и за помирување, но никако не може да зборуваме за амнестија – возврати пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повторија позицијата дека спогодбата од Мала Преспа нема никаков легитимитет и уставните измени што произлегуваат од неа немаат никаква важност.

– Република Македонија победи на референдумот. Република Македонија ја отфрли капитулацијата. Договорот од Преспа нема никаков легитимитет. Уставните измени што произлегуваат од него немаат никаква важност – изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи ја и опцијата ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да настапи повторно со повеќе пратенички групи.

– Сметам дека дејствувањето на ВМРО како една и како неколку пратенички групи воопшто не прави разлика во однос на тоа што треба да претставува политика на ВМРО-ДПМНЕ, политика на опозицијата на сето ова што ѝ се случува на Република Македонија. Дали дејствувањето ќе биде како една пратеничка група или ќе биде како повеќе пратенички групи зависи од анализата што се прави во органите на партијата.

Во контекст на новото преструктурирање на парламентарниот состав со нови пратенички групи, уште по гласањето за пристапување кон уставни измени, на 19 октомври беше најавена нова пратеничка група од осумтемина некогашни пратеници на опозицијата, кои гласаа „за“, спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на викендот се појавија најави дека шеф на таа пратеничка група ќе биде поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милеска.

Од политичкиот вриеж по 19 октомври, најсилно изразен во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој ефектуира со исклучување од партијата на пратениците од нивните редови што гласаа за започнување на парламентарниот процес на уставни измени, но и на други поранешни високи партиски функционери, во текот на викендот во јавноста се лиферува и информацијата дека местото на разрешениот потпретседател на партијата Митко Јанчев ќе го пополни пратеникот Антонио Милошоски. Официјален одговор од Милошоски немаше, но информациите однатре од партијата говорат дека во последниот период се интензивирале средбите меѓу него и Мицкоски, при што биле надминати сите недоразбирања.

Бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска испрати отворено писмо до лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски, во кое со индигнација ги отфрла лажните обвинувања фрлени врз него од негови поранешни блиски луѓе.