Протестни маршеви, изјави на политичари и реакции на партиите преку соопштенија го обележија изминатиов динамичен викенд исполнет со политика.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во саботниот говор пред Јавното обвинителство, за време на протестот насловен „Против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство“, ја нарече власта мафија, ја обвини дека наместо правда, донела неправда, а поранешното специјално јавно обвинителство го нарече „Чарлиеви ангели на Заев што ја штитат мафијата“ и затоа рече, ќе одговарале за криминалот.
Во меѓувреме, во своето викенд-интервју за медиумите, Мицковски истакна и дека за Гоце Делчев и за македонскиот јазик нема преговарање, тоа е завршена работа, тоа е стекнато право, а врз основа на тој лик ние сме создале држава.
Од друга страна, владејачката СДСМ веднаш се огласи со реакции и во соопштение го нарече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски губитник, кој не може да ги спаси сите криминалци во партиските редови и кој кука за своите порази и грешки, по неговото обраќање на протестот.

– Христијан Мицкоски и неговите малкумина приврзаници вечерва докажаа дека стојат цврсто на страната на неправдата и на криминалот на режимот. Во уште еден очаен обид да си ја задржи фотелјата во белиот дворец, Мицкоски денеска, на срамен начин, насилниците од 27 април, кои се обидоа да убиваат пратеници, новинари и вработени во Собранието, ги претстават како херои – се наведува во соопштението на владејачката партија.
Во меѓувреме, во интервју за домашните медиуми исто така објавено викендов, премиерот Зоран Заев, пак, најави дека Владата ќе се посвети на обезбедување ЕУ-мониторинг на судските предмети за висока корупција што е можно побргу.