Трендовите на пораст – опаѓање – пораст на етнички мотивираното насилство (најмногу) кај младите, забележано во најновиот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права, експертите ги доведуваат во корелација со политичките тенденции и случувања во односниот период

Во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза, 22 јули, македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права го објави својот годишен извештај за криминалот извршен од омраза. Според истражувањето спроведено од 1 јануари до 31 декември 2019 година, Хелсиншкиот комитет регистрирал 159 инциденти и дела од омраза објавени во медиумите или во полициските билтени. Од вкупниот број, само 33 инциденти (20 отсто) МВР ги потврдило како дела од омраза. Освен податоците од МВР, организацијата користела и други извори на информации, како разлики меѓу етничката припадност меѓу жртвата и сторителот, локацијата, изјави на сведоци, отсуство на други мотиви. Заклучоците изведени од истражувањето (претставени и со графикони) покажуваат дека од вкупно 159 дела од омраза во текот на 2019 година, дури кај 135 мотивот е етничката припадност.

Во оваа статистика, се надоврзуваат делата од омраза поради политичка припадност (15), а првпат по подолго време има и два инцидента поради сексуална ориентација. Дури 136 инциденти се случиле на територијата на главниот град на Македонија, Скопје, а локација на инцидентите најчесто се автобуските станици каде што застануваат повеќе автобуски линии и во самите автобуси. Другите градови имаат неспоредливо понизок број инциденти.
Бројките во оваа статистика укажуваат дека учесници во овие етнички мотивирани инциденти најчесто се младите. Според извештајот на Хелсиншкиот комитет, во 159-те регистрирани инциденти има 163 жртви и 358 сторители, што јасно сугерира дека жртвите најчесто се сами, додека бројот на напаѓачи во секој инцидент најчесто е од две до три лица.
Од 163 жртви, дури 104 се лица што немаат наполнето 18 години. Кај напаѓачите е спротивно – од 358 сторители, дури 265 биле полнолетни, а 93 малолетни.
Споредувајќи ги бројките од последното истражување за насилството од омраза поради етничкото потекло со тие од минатите години, заклучокот што го изведува Хелсиншкиот комитет е дека по неколкугодишно смирување, Македонците и Албанците повторно почесто се напаѓаат меѓусебно.

– Во 2013 година, овие инциденти претставуваа 84 проценти од сите инциденти вкупно (98 од 116), додека во 2014 година процентот беше 61 отсто (53 од 87). Во текот на 2015 година, само 15 инциденти (34 отсто) се случиле меѓу Македонците и Албанците, додека во 2016 година се случиле 34 инциденти (речиси 50 отсто) помеѓу овие две различни етнички заедници. Во 2017 година немаше значително намалување на овие видови инциденти, иако тие останаа најгорливото прашање, имајќи предвид дека поголемиот дел од жртвите и сторителите во овие инциденти се малолетни лица. Во 2018 година, бројот на регистрирани инциденти сторени поради етничка припадност повторно се зголеми на 58 проценти (79 од 123) од сите регистрирани инциденти. Во 2019 година, со 84,9 отсто од сите регистрирани инциденти (135 од 159) поради етничката припадност на жртвите/сторителите, ги прави овие инциденти најзастапени и со загрижувачки интензитет како во минатото (2013/2014) – се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Ваквите трендови на пораст – опаѓање – пораст на етнички мотивираното насилство (најмногу) кај младите, универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески го толкува во корелација со политичките тенденции и случувања во односниот период.
– Она што се случува на поширок општествен план секако дава соодветен одраз во однесувањето кај младите. Како што се зголемува тонот на национализмот кај партиите за освојување на власта, така тоа се манифестира и во однесувањето на младите, кое во одреден дел, за жал, ескалира и во насилство. Забележливо во ова истражување (но и во други истражувања) е дека значително намалување на меѓуетничките инциденти кај младите има во 2015 година, со мал пораст и стагнација до 2017 година. Тоа е периодот кога тогашната опозиција во периодот на Шарената револуција започна да го промовира проектот „Едно општество за сите“ и го потисна националистичкиот наратив на јавната политичка сцена.

Но, за жал, по освојувањето на власта партиите обично не опстојуваат во намерите што ги промовираат додека дојдат на власт, па, така, не се спроведе докрај идејата етичкиот момент да ја нема водечката позиција во политичкиот наратив и воопшто во политичкото функционирање на партиите. Дури и во кампањата на неодамна спроведените избори тој етнички момент на голема врата беше промовиран како главна понуда на партиите од албанскиот етнички блок. Сето тоа младите го гледаат, го имитираат и го проектираат во своето секојдневно однесување и често, за жал, го манифестираат и преку етнички мотивирано насилство – вели професорот Илија Ацески.
Извештајот, со кој Хелсиншкиот комитет има намера да го информира и ОБСЕ/ОДИХР за ситуацијата со делата за омраза во земјата, се завршува со вкупно шест препораки до надлежните. Првата е дека мора да има брза и ефективна истрага за ваквите случаи, бидејќи тие често предизвикуваат низа негативни последици и кај поединци и во општеството.

Во една од препораките на извештајот се наведува дека е потребно „да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото и преку рефлехтирање на едукацијата за човекови права, наставните планови по историja и релевантните обуки, преземање чекори за едукација на јавноста, а особено на децата и младите луѓе за вредностите на културната разновидност и инклузија, за сите општествени сектори да имаат одредена улога во борбата со таквата нетолеранција“.
Во однос на препораката за едукација за човековите права, имплементирана во наставните програми, социологот Ацески, кој и самиот со децении спроведувал и бил вклучен во проекти за сузбивање на етничката нетолеранција, укажува дека нашиот образовен систем е поставен токму така како да не постојат желба и намера во општеството да се води борба против национализмот.

– За жал, постои голема етничка дистанца во образовниот систем во Македонија, особено меѓу студентите. Забележлива е изразена сегрегација, затвореност во својот етнички круг, без интерес за поголема мултикултурна општествена интерактивност. Поддржано од етничкиот политички наратив, таквата сегрегација на елементарно психолошко ниво се проектира како омраза спрема другиот. А државата, за жал, нема сериозен план за решавање на тој проблем со етничката сегрегација. Кога ќе започнат избори и кампањи за освојување на власта сите мултиетнички и мултикултурни проекти паѓаат во вода – констатира професорот Ацески.