Наспроти востановените рамки и универзални норми на кои политичарите, сепак, низ историјата до денес се придржуваат и ги почитуваат, а се однесуваат на нивниот вербален и писмен израз, манири и однесување, новото време и новите комуникациски канали како да придонесуваат јавните личности во својот настап да се ослободат од ваквите стеги и да бидат поприлично слободни во изразот, понекогаш дури и на границата на гаф. Многубројни се ваквите примери и меѓу светските државници, почнувајќи од Доналд Трамп, Емануел Макрон, Борис Џонсон…
Влезе ли ваквиот тренд на голема врата и во нашата држава? Се постигнува ли со тоа целта или со таквиот јавен настап каузата на политичарот може непоправливо да се загрози?

Последната изјава на премиерот Зоран Заев, во која тој споменува некој суетен новинар и еден педер, предизвика медиумско цунами во јавноста, односно широка палета реакции: од оправдување до најостра осуда. Некои сметаат дека премиерот овој пат ја поминал црвената линија, а има и аргументации дека можеби намерно политичарите некогаш одат по тенка жица. Образложението е дека јавните личности некогаш намерно, употребувајќи провоцирачки или сензационалистички новоговор, имаат цел да иницираат одредена акција и реакција во општеството и да ги придвижат работите.
Во таа насока, ваквиот говор без влакна на јазикот и без дипломатски ракавици стана светски тренд, кој политичарите го користат за да испратат директна порака до одредени кругови.
На некој начин, се добива впечаток дека станува збор за еден политички новоговор, кој обично го користат колумнистите за да привлечат што поголем интерес кај публиката, но сега тоа како да станува глобален тренд и во политиката.
Наспроти одредени норми или стереотипи според кои политичарите сепак треба да се држат до одредени црвени линии и манири во својот израз и однесување, новото време и новите комуникациски алатки како да придонесуваат тие да се ослободат од ваквите стеги и да бидат поприлично слободни во изразот, понекогаш дури и на границата на гаф.
Токму слободниот израз што се практикува преку социјалните мрежи почнува да се применува и во официјалните обраќања, без да се води сметка дали некој ќе се најде индискретно засегнат, навреден или загрозен при таквите изјави.
Обично подоцна следуваат извинувања или појаснувања дека кажаниот збор всушност бил во преносна смисла, но понекогаш околностите се премногу очигледни за да бидат сфатени преносно. Многубројни се примерите на политички новоговор, на границата на сензационализам и провокација.

Ваквиот говор не е туѓ ни за претседателот на САД, Доналд Трамп, ни за новиот британски премиер Борис Џонсон, но ни за францускиот претседател Емануел Макрон, како ни за политичарите од нашето соседство.
– Ја сакам Кина. Само што му продадов стан на еден Кинез за 15 милиони долари. Па, како да не ги сакам – рече Трамп во една изјава, коментирајќи ги американско-кинеските односи.
Говорејќи за своите сограѓани Афроамериканците, Трамп е уште посуров во говорот.
– Не сум расист, но црнците се мрзливи – се изјаснува американскиот претседател.
Се чини дека особено брзоплет на јазикот е и новиот британски премиер Борис Џонсон, кој во еден наврат ги нарече муслиманските жени прекриени со нихаб „поштенски сандачиња“, па подоцна се извинуваше на свој начин.
И францускиот претседател Емануел Макрон не е многу внимателен во изразот, па и тој знае да се изразува грубо и невнимателно. Имено, тој се истресе врз еден тинејџер, кого го нарече со прекарот Ману, остро одговарајќи му дека мора да го ословува со „господине претседател“.

Поранешниот шеф на Европската комисија, Жан Клод Јункер, знаеше да го поздрави унгарскиот премиер Виктор Орбан со поздравот „Здраво, диктаторе“, но и да се однесува премногу слободно на официјалните настани.
Но кога станува збор за балканскиот простор, не би можело да се каже дека станува збор за овој тип новоговор, туку повеќе за едноставен балкански начин на изразување, во кој вулгарноста и навредата сè почесто стануваат и дел од официјалните изјави на политичарите.
Поранешниот српски министер за одбрана Братислав Гашиќ беше сменет поради скандалозна изјава за време на прес-конференција, во која потегот на една новинарка што клекна пред него за да не се најде во кадарот на снимателите, го искоментира со зборовите дека „сака новинарки што вака лесно клекнуваат“. Подоцна се извини.
Изјавата на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ во која објаснува како хрватската полиција ги враќа мигрантите од Хрватска на босанска територија со примена на сила стана тема во светските медиуми.
– Нормално дека е потребно малку насилство кога употребувате пушбек (одбивање) – рече Китаровиќ.

Таа ќе остане запаметена и по чудното однесување по финалето на СП во фудбал во Русија, кога ги гушкаше и бакнуваше фудбалерите на репрезентациите на Хрватска и Франција, што беше оценето како чудно недржавничко и несериозно однесување на еден политичар.
Навредлив говор се слушаше и од грчкиот парламент, каде што членовите на партијата на македонското малцинство во Грција „Виножито“ беа нарекувани со погрден збор.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, изјавата на премиерот Заев не е својствена за неговиот израз.
– Сметам дека изјавата на Заев беше само еден инцидент, бидејќи претходно тој не се изразувал на таков начин. Од друга страна, кога зборуваме за тој политички новоговор, јасно е дека не сите излегоа како победници од глобализацијата. Се губи границата меѓу левицата и десницата, така што луѓето се збунети. Во една таква ситуација, кога некој директно ќе им ги соопшти работите, полесно се разбира пораката и луѓето повеќе им веруваат на тие политичари – вели Трошановски.
Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска, смета дека говорот на првите луѓе во една држава е и порака и пример за говор и однесување за граѓаните. Таа вели дека овој пат во говорот на премиерот има потенцијал да предизвика наплив на говор на омраза.

– Говорот на првите луѓе во една држава е пример како да се однесуваат граѓаните. Овој говор на премиерот ќе создаде ефект на снежна топка и сега ќе имаме наплив на непријателски говор и говор на омраза кон тие што тој ги истакна – смета Трајкоска.
Во време кога политичкиот новоговор станува глобален светски тренд, а јавните личности се оние на кои се гледа како движечка сила, токму тие, сакале да признаеме или не, се оние што кај обичниот народ се предмет на восхит и почитување, а некогаш и идолизирање. Затоа, од нив се очекуваат стандарди што покажуваат цврста морална вертикала и етика, принципиелност и израз што е целосно спротивен од трендот што сега е на цена.