Фото: Дарко Андоновски

Референдум, па избори? Избори, па референдум, или двете заедно? Дали пакетот на референдумот за спогодбата од Мала Преспа, со парламентарни избори (за постигнување на референдумскиот цензус), како што повторно се калкулира во партиските кујни, загрозува други рокови, поврзани со исполнување обврски од спогодбата? На пример, изборите не би можеле да се одржат пред ноември ако се почитува утврдениот дел од пржинскиот договор за 100 дена техничка влада пред избори, на кој инсистира сегашната опозиција. Но пржинскиот е сепак договор, кој со помош на „меѓународната“ може да се предоговори. Тоа не е закон или устав. Или, пак, кај нас споменативе правни акти се „растегливи“ категории, при што политичкото калкулантство секогаш е пред принципите на легалитет?

Принципите на „отвореност за сите опции“ и, како што се нагласуваше во преговарачкиот процес, примената на „креативни решенија“, што Владата на Р. Македонија ги користеше во преговорите со Грција, кои резултираа со спогодбата од Мала Преспа, се чини дека продолжуваат да се спроведуваат и во овој малопреспански постпериод на политички превирања во земјата. Тие се главно поврзани со примарната меѓуцел, а имено целосно исполнување на обврските од спогодбата, односно на условите за прием во НАТО, односно ЕУ. Како клучен момент за исполнување на обврските од спогодбата, во македонската јавност, од страна на политичките елити се промовира и турка спроведување референдум, како највисок демократски инструмент на неприкосновена волја на граѓаните на Македонија. Но зад, во последно време, партиски коректните изјави на политичките опоненти се чувствуваат силен политички антагонизам и набој што ја релативизираат привидната коректност и го отсликуваат сѐ уште тековниот „развоен“ процес на продлабочување на разликите и недовербата меѓу политичките лидери, па дури и меѓу граѓаните.

За реализацијата на референдумот за спогодбата од Мала Преспа, и покрај претходно искажаниот став за неговата неизбежност и од страна на позицијата и на опозицијата, колку што се стеснува времето за законски предвидениот рок за негово распишување, толку повеќе се навлегува во зоната на политичка калкулативност. Имено, во спогодбата не е децидно наведено дека „втората страна“ (македонската) треба да организира референдум, односно – може да организира ако смета дека е потребно, звучи како да е оставена отстапница за Владата доколку се појави одредена неповолна процена за неговата успешност. Иако со успешноста на референдумот, т.е. од целосната имплементација на спогодбата од Мала Преспа се условени и приемот во НАТО и тргнувањето на условеноста на датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, наредната година, реакциите на јавноста во изминатиот викенд на организацијата на концертната прослава во 15 града низ Македонија, токму поради условените покани од овие организации, воопшто не укажуваат за масовна воодушевеност од таквиот чин. Од организациски и законски аспект, во овој момент е невозможно да се распише и организира референдум поради фактот што во Собранието се закомпликува процедурата за избор на нов состав на ДИК, чие формирање опозицијата го условува со договор за закон за влада (техничка „пржинска“ влада 100 дена пред избори) и со закон за финансирање на партиите.

Поради овие аргументи, власта ја обвинува опозицијата дека го опструира одржувањето на референдумот, а опозицијата се сомнева дека Владата бара начин да ретерира од референдумска идеја, или барем дека се обидува да изманипулира со резултатите преку формулацијата на референдумското прашање и користејќи го притисокот на ЕУ и на НАТО. Дури и експресно спроведената владино – парламентарна акција за менување на Изборниот законик, за побрзо формирање на ДИК, токму на денот кога еврокомесарот Јоханес Хан дојде за да го најави почетокот на скрининг-процесот за добивање (безусловен) датум за почеток на преговорите со ЕУ, политичките аналитичари го толкуваат во контекстот на политичкото калкулантство меѓу власта и опозицијата. Всушност, формирањето ДИК (со или без опозицијата, но секако со европско знаменце), како исполнување на првиот предуслов за започнување на процедурата за референдум, е главна тема и повод за лидерската средба, закажана од премиерот Зоран Заев, на 18 јули, во 18 часот.

– Не може да се напушти идејата за референдум, за која уште одамна е изразена усогласеност од страна и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ дека ќе биде спроведен ако дојде до каков било договор со Грција за надминување на долгогодишниот спор за името на нашата земја. Така што сметам дека одредбата во спогодбата од Мала Преспа за опционалност на референдумот не треба да биде отстапница од одамна декларираните ставови на партиите. Поголем проблем во овој миг е недовербата меѓу политичките партии. Инаку, во изминатиот период, во текот на преговорите, па и по потпишувањето на спогодбата, беа искажани многу лаги – од неприфаќање на ерга омнес и уставни промени, преку тврдењето дека севкупната примена на договорот е наменета само за предлогот „Илинденска Македонија“ (кој пропадна), па и тактизирањето со формулацијата на референдумското прашање. Дебаклот на концертите за, според власта, поканите за НАТО и ЕУ покажа дека луѓето во Македонија се всушност резигнирани. Мислам дека власта спроведува сосема погрешна тактика, доколку целта ѝ е успешен референдум, како дел од преземените обврски со спогодбата од Мала Преспа. Сите чекори досега ѝ се контрапродуктивни. Во краен случај, без ДИК не може да се организираат ниту референдум ниту избори – вели политикологот Владимир Божиновски.

Премиерот Заев претходно најави дека до крајот на неделава очекува да се заокружи процесот за утврдување на датумот, прашањето и карактерот на референдумот за спогодбата од Мала Преспа, најавувајќи ја лидерската средба, но и можни избори заедно со референдумот.
– Можноста за одржување парламентарни избори заедно со референдумот, повеќе ја гледам како укажување на власта до опозицијата дека треба да се вклучи во процесот на евроатлантските интеграции. Референдумот е добар за сите политички чинители, зашто ја рефлектира волјата на мнозинството, секако ако сите се вклучени во него. И треба да биде задолжителен, за да не може да се спинуваат резултатите со некаква консултативност, односно и власта и опозицијата да ги прифатат резултатите онакви какви што се и да се однесуваат според нив во своите понатамошни постапки во политиката. Но особено е важно сите да бидат вклучени, зашто побитно прашање за државата не сме имале од 1991 година. Невклучувањето на една заедница на референдумот во 1991 година, генерираше безброј проблеми подоцна во општеството – смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Од друга страна, поврзувањето на референдумот со спогодбата од Мала Преспа, со парламентарни избори (за постигнување на референдумскиот цензус), би можело да ги загрози роковите за исполнување на другите обврски од спогодбата, зашто, според Владимир Божиновски, изборите не би можеле да се одржат пред ноември, ако се почитува тој дел од пржинскиот договор за 100 дена техничка влада пред избори, на кој инсистира сегашната опозиција.