Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес оствари средба со Тајс Ројтен, пратеник во Европскиот парламент и член на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија, во рамки на неговата работна посета на земјава.

На средбата беше дискутирано за трансформативната моќ на ЕУ во регионот во контекст на политиката на проширување и нејзината кредибилност, што особено се отсликува во случајот со Македонија.

Вицепремиерот Димитров истакна дека текот на евроинтегративниот процес има големо влијание врз случувањата во земјата и регионот кои се рефлексија и на опаѓањето на довербата во остварливоста на европското ветување.

– Кога при исполнети услови и донесена одлука за почеток на преговори нема резултат, тогаш политиката на проширување е со главата надолу: наместо поддршка и зајакнување на трансформацијата и реформите, ефектот е обратен – рече Димитров.

Европратеникот Ројтен ја подвлече неговата лична поддршка, како и заложбата на Европскиот парламент за европското досие на Македонија и регионот, препознавајќи ја неговата важност за иднината на Европа. Тој истакна дека ЕУ мора да направи повеќе за да ја докаже заложбата и ангажманот кон регионот, пред сé преку пристапниот процес на Македонија бидејќи со посветеноста на европската агенда се исполнети сите услови за почеток на пристапни преговори.