Формираната заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања имаше заеднички предизвик да дојде до научните вистини и факти и да утврди материјал врз чија основа ќе бидат разграничени националните истории, а наедно ќе се утврдат и допирните точки на одредени историски настани што, главно, Бугарите и Македонците ги позиционираат на различна страна. Наедно, требаше да им се даде материјал на државните функционери за постоењето на национални истории што можеби со територијата се допираат и преклопуваат, но како национални супстрати, култура, обичаи и јазик имаат сопствена етногенеза

Заедничките комисии од инструмент за поддршка на историската вистина до алатка за еднострана уцена

Актуелните интензивни условувања на Бугарија во процесот и процедурите на македонските евроинтеграции (наместо поддршка, како што и писмено се обврза), со активирањето на работата на заедничката историско-образовна комисија, беа причина за Договорот за добрососедство со Бугарија повторно да заземе соодветен медиумско-политички простор и во македонската јавност, поаѓајќи секако од ’ртулецот на проблемот (за нас), вкоренет во некои од клаузулите на споменатиот договор. Формираната заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања имаше заеднички предизвик да дојде до научните вистини и факти и да утврди материјал врз чија основа ќе бидат разграничени националните истории, а наедно ќе се утврдат и допирните точки на одредени историски настани што, главно, Бугарите и Македонците ги позиционираат на различна страна. Наедно требаше да им се даде материјал на државните функционери за постоењето на национални истории што можеби со територијата се допираат и преклопуваат, но како национални супстрати, култура, обичаи и јазик имаат сопствена етногенеза.

Но рамката што ѝ беше дадена на комисијата, и за нејзиното формирање и како предмет на работа, однатре унилатерално почна да ги кашира историските вистини (утврдени по овие заемни прашања) и од авторитети како што се научните истражувања од повеќе реномирани институции од европските земји, па и Русија. Сѐ повеќе се стеснува кругот на предметот на работа и остануваат суштествените прашања непоимливи за нас, при што бугарската страна го проблематизира постоењето на македонската нација или, поточно, фабрикува позиции за наше постоење од 1944 година, заборавајќи на нашата Националноослободителна борба од 1941 до 1945 година, негирајќи ги историските факти од илинденскиот период, како и настаните и личностите од тој период, но и од претходно… Тотално е нејасна позицијата на заедничко чествување на заеднички историски настани и личности, при што позицијата на бугарската страна сѐ уште се идентификува со настани во кои тие како бугарска војска (патем споменато, фашистичка) биле ослободители на својата територија (Македонија), дека тука живееле и живеат „неосвестени Бугари“ и дека тука се зборува со дијалект на бугарскиот јазик?! Ако едната страна на комисијата реши да даде основа за конструктивно решавање на добрососедските односи, тогаш мора да ги заборави своите аспирации за територијални претензии, дека постои засебен македонски јазик и дека македонската историја не поаѓа по Втората светска војна. Во основа, комисијата мора да решава надвор од политичките притисоци, да ја утврди научната вистина и да не биде алатка на хегемонија.

Затоа и нашиот дел на комисијата „меко“ ги прекина односите и работењето и остави отворени и нерешени по осум-девет средби. Таа, иако со зададена форма на постоење (во Договорот за добрососедство), сепак треба да ужива научна автономија со поддршка на државите од кои е формирана, а не со зададени содржини и однапред наметнати заклучоци од страна на политичарите. Имено, последниот состанок комисијата го одржа во ноември минатата година, односно македонската страна предложи прекин на работата поради тогаш најавените избори. Тогаш спорна тема за која историчарите од двете страни не можеа да најдат заеднички јазик беше прашањето за националната припадност на револуционерот Гоце Делчев, централна историска фигура на која се темели самата идеја на постоење на македонизмот.
Деновиве, прво од бугарската, па и од македонската страна на комисијата беа пласирани информации дека историско-образовните експерти ќе одржат состанок до крајот на септември. Сепак, неактивноста на оваа комисија предизвика гласно незадоволство и реакции од страна на бугарските политичари, кои ги обвинија македонските колеги-политичари за „завлекување“?!
– Зоран Заев секогаш зборува со голем оптимизам и голема надеж дека сè ќе биде во ред. Се надевам дека е искрен, но ова го рече пред неколку години, кога го потпишавме Договорот без речиси никакви последици – изјавил бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, како своевиден коментар на изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека „неговата земја е подготвена да преговара за прашањето за Гоце Делчев“.

Претходно и бугарскиот вицепремиер Каракачанов дури се закани дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ ако мешаната комисија не постигне согласност за отворените историски прашања, обвинувајќи дека десет месеци не се одржале состаноци поради македонските избори, иако во тој период во Бугарија имало три изборни циклуси.
Во врска со работата на експертската македонско-бугарска комисија се изјасни и македонскиот премиер Зоран Заев.
– Покажавме дека имаме капацитет за решавање на прашањата. Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, шестата историска личност е Гоце Делчев. Дали се Заев и Борисов, дали е кој било понатаму, ако само едната страна добива, нема иднина. Решенијата ги најдовме за крупните прашања. Имаме архиви, ќе седнеме и ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба двете страни да излеземе победници – рече Заев.

Тој изрази и уверување дека во периодот што претстои брзо ќе се најде решение со Бугарија.
– Испраќам порака спрема соседна Бугарија дека сме подготвени да влеземе и преку прашањето за Гоце Делчев. Ако ние останеме повредени, тоа не е пријателство. Верувам, ќе најдеме решение со пријателска Република Бугарија – подвлече Заев.
Постоењето и работата на заедничката историско-образовна комисија се дел од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, потпишан во 2017 година, како своевиден инструмент за усогласување на гледиштата за исти историски настани и личности во двете земји. Договорот за добрососедство требаше да биде документ со кој на Македонија ќе ѝ се отвори патот за евроинтеграциите, но сѐ повеќе се претвора во инструмент за ултимативни барања од страна на соседот Бугарија.
– Работата на експертската комисија за историски и образовни прашања очекувам многу брзо брутално да се дерогира со наметнати политички решенија. Ова за мене е очекувано, бидејќи комисијата и беше формирана преку политички акт втемелен на билатерален договор – вели Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.